БЛАГОРОДНИЧКА

1

Мојот татко сака машко. Син.

Витезите од Фландрија и Брабант ќе му се заколнат во верност на новороденчето во лулка. Војсководците на сло- бодните градови ќе го примат детето внатре во своите пор- ти и ќе му посакаат среќа, здравје и мудрост. Трговците од Исток, за негово задоволство ќе го даруваат племеникот со пустински глувци и мајмуни пајаци. Дури и пред тој да на- полни седум години, кралевите на Франција и Англија ќе му ги понудат своите најубави ќерки и со неговиот татко ќе го договараат бракот. А Папата, Божјиот брод на морето од човештвото, ќе го благослови момчето во своите молитви. Синот на мојот татко ќе биде грофот од Фландрија. Тој ќе биде војсководец, воин и дипломат. Ќе му се восхитуваат на неговото познавање на светот и неговите тајни. Тој ќе може да пее на француски, фламански и латински јазик и да збору- ва за ѕвездите, како тој лично да ги расфрлил низ небото. Во полн галоп ќе може да собори дива свиња и никогаш нема да поставува излишно прашање. Тој ќе биде груб во војната и нежен во љубовта. Тој ќе биде маж. Витез.

На последниот ден од годината илјада триста четириесет и седмата, мојата мајка, војвотката од Брабант, почувствува грчеви додека спиеше. Таа лежеше во собата на жените, во замокот на Мале, во широк кревет помеѓу дамите и перачките. Жените лежеа една до друга на вреќи од слама и под ќебиња од овча кожа. Тие лежеа кожа до кожа. Всушност, беше зима и не смееше да се изгуби ниту малку од топлината. Во собата не беше тивко. Жените кашлаа, ҆рчеа, шмркаа и киваа.

Нивните грла беа сурови како касапско месо и нивните но- севи беа запушени како стомни со тесен врат. Мојата мајка одеднаш почувствува бран од топла вода помеѓу нејзините бедра. Таа во шок седна исправено. Почувствува како студот се фрла врз нејзиниот гол грб. Таа веднаш сфати дека јас ќе се родам за време на оваа смрзнувачко-студена ноќ. Не знаејќи колку е изминато од ноќта. Светот лебдеше помеѓу послед- ната вечерна молитва и првата утринска молитва, во момент кога времето беше придушено и ноќта безимена. Една дама ги отвори очите и ја праша што се случува. Мојата мајка се затресе. Од нејзината уста излета пареата. Таа одговори дека детето пристига. Некој воздивнува велејќи „конечно”. Тоа беше бабицата Хана, која веќе еден месец со нејзината ќерка престојуваше во замокот за да се погрижи околу породувањето. И момент подоцна, целиот кревет оживеа. Дамите и перачките станаа и почнаа да ги облекуваат, тресејќи се од студот, кошулите над нивните голи тела. Тие ја носеа моја- та мајка кон кујните каде топлите печки сѐ уште тлееја. Тоа беше единственото место во замокот, каде што беше сѐ уште малку топло. Клоцајќи ги разбудија готвачите и ги избркаа од таму. Наместија црвени перници на долгата маса и мојата мајка легна врз нив. Перачката се затрча низ внатрешниот двор кон главната зграда. Таа тропна на вратата од собата на мојот татко.

„Време е, господине гроф“, – викна таа.

Се слушаше ҆рчење и зевање од собата. И во еден момент подоцна, вратата се отвори. Мојот татко беше гол. Перачката го тргна погледот настрана.

„Разбудете го хирургот“, – викна тој.

Перачката изненадено погледна во мојот татко. Таа се колебаше. Сакаше да каже дека породувањето е сепак женска работа, но не се осмели да го стори тоа.

„Што чекаш уште, жено, на знак од Бога?“ – викна мојот татко додека ја зграпчи кошулата од столот и ја навлече над

8

неговата глава. Перачката се затрча кон спалните соби на мажите во потрага по хирургот. Мојот татко, грофот од Фландрија, со тупаница го скрши мразот на парчиња во мијалникот. Тој со водата го изми своето лице и ги почувствува неговите образи како го печкаат. Облече црна облека, ремен, хулахопки и наметка. И зачекори низ дворот кон кујните. Тогаш ја виде својата сопруга како лежи настрана. Се насмевна и ги пушти неговите закоравени прсти да се лизнат по нејзините образи. „Ве сакам, мој Брабанту“, – ѝ зашепоти тој на уво. Таа ја зеде неговата рака, се насмевна и рече: „И јас, исто така, Вас, моја Фландријо“.Тогаш се појавија грчевите кои беа толку силни, што со нејзините нокти ја расече раката на мојот татко. Таа почна да се бори за воздух и да стенка. Бабицата Хана и нејзината ќерка Беатрис, и двете беа со мус- кулести раце, со дебели прсти и големи глави со тркалезни образи. Тие беа мајка и ќерка, но толку многу личеа една на друга, што луѓето мислеа дека се сестри. Беатрис го распали огнот во огништето на кујните. Таа ја скрши ледената покривка на садот со вода, го наполни котелот со вода и го стави да виси над огнот.

Докторот хирург Вирнт ван Обрехт, влезе во собата. Тој е еден од најдобрите хирурзи на Фландрија. Мудар и стар, со најмалку четириесет години, и исклучително вешт во третирање на прободено рамо или во прицврствување на скршена вилична коска. Но немаше никаква идеја што сѐ се случуваше во тврдиот стомак на жената во текот на породувањето. Тоа за него засекогаш останало божествена мистерија. За време на бременоста, докторот хирург ван Обрехт секојднев- но на грофицата ѝ препишуваше смирувачки напитоци од афион и сега кога пристигна денот на породувањето, тој ѝ ја препушти завршницата на бабицата. Хана во меѓувреме ја лизна раката внатре во стомакот на мојата мајка. Диво растреперениот оган беше единствениот извор на светлина во собата, а ќошињата на кујната останаа невидливи во црните танцувачки, сенишни сенки.

„Јас вечерва веќе ги консултирав ѕвездите“, – му кажа докторот хируг ван Обрехт на мојот татко, „тие се многу поволни за породувањето. Многу поволни. И згора на тоа, има нова Месечина. Нова Месечина!“

„Добар знак?“ – праша мојот татко полн со надеж.

„Одличен знак“, – експертски потврди докторот хирург, „и ова утро моите чираци ја вкусија водата на грофицата и таа беше кисела!“

„Кисела?“ – загрижено праша грофот.

„Да, повторно уште еден одличен знак. А потоа и бојата, господине гроф“, – зашепоти хирургот, „бојата“.

Вирнт ван Обрехт ја зграпчи книгата со примероци која му висеше на појасот. Ги одврза врвките кои ги држеше за- едно дрвените корици. Во книгата имаше врзани ленти од ткаенини во бои кои варираа од светложолта до црно мастило. Хирургот извади една лента од ткаенината со длабоко портокалова боја. Тој триумфално ја држеше ткаенината под носот на мојот татко, како бојата да објаснуваше сѐ.

„Добро?“ – нервозно праша мојот татко.

„Не може да биде подобро, господине гроф“, – значајно кимна Вирнт ван Обрехт, “навистина не може да биде по- добро“.

Потоа, мајка ми испушти крик. Бабиците ѝ дадоа парче од лен за таа да го гризне. Нејзините образи блескаа од топлината на огнот. Потта се нижеше на нејзиното лице. И таа го фрли парчето лен настрана.

„Толку е жестоко“, – стенкаше таа, „толку ужасно болно“.

„Така треба да биде жено“, – задоволно се насмевна мојот татко, „тоа ќе биде борбено момче“.

Тогаш Хана ја повлече раката надвор од стомакот на моја- та мајка и се прекрсти. Таа се сврте кон мојот татко…..

399 ден

Автор: Жан-Клод ван Рајкехем
Издавач: Икона
Димензии: 252стр. 13х20 cm
Тежина: 250 гр.
ОПИС

Маргарет ван Мале има четиринаесет и пол години. Таа е престолонаследничка на Фландрија и сонува за белиот витез кој ќе ја поведе кон замокот во облаците. Но, сите витези кои таа ги среќава се премногу будалести за нејзиниот силен карактер и нејзината темпераментна природа. И еден ден, нејзиниот татко решава со кого таа ќе се омажи тоа лето…

Маргарет со свои зборови раскажува за нејзината лисичина коса која никогаш не може да биде уредна, за Вилем кој е господар на науката за бакнежи, за Родерик од чија вилица таа му искрши еден заб, за монахот Занекин кој смрди на кочина, за слободниот град Бриж и висечките натписи, за книгите на нејзината мајка со љубовни приказни полни со копнеж, за црвените улкуси на лицето на нејзиниот иден сопруг и за омразата која таа ја чувствува кон својот сопствен татко.

Продавница
0 items Кошничка

Кошничка

Затвори

Најава

Затвори

Scroll To Top
Facebook Twitter Pinterest WhatsApp WhatsApp Telegram Viber