ЖИВОТ БЕЗ ИМЕ

Поднаслов: РОМАН ЗА ЉУБОВТА

1

Понекогаш седам пред пештерата и со прстите го ронам веќе изронетиот цимет. Го сакам тој мирис кој ме потсетува на тебе, на твоите гради, твојот грб, твоите екстремитети. Мирисот не ме исполнува со некои нови чувства, бидејќи мојата љубов не го дозволува тоа. Јас сум само чуварка на таа љубов и не постојам, дури и моето тело се одрекува од мене, мојот глас нема сила за некој да може да ме слушне, а силата на моите долги прсти со кои го ронам циметот станала нечуен допир и празнина, бидејќи како и прстите да знаат дека одамна го нема твоето лице, твоите широки гради, тешките мудри очни капаци, што било од твоето тело што би можело да се допре. Сè си мислам дека овие мои прсти и не знаат дека го ронат циметот. Жалат подеднакво како и целата јас, онаа која што и онака веќе никој не ја интересира откако застанаа, престанаа, исчезнаа твоите прегратки и јас, заборавено име, која седам во суровата пустина, недалеку од Мртвото Mоре, напаѓана од ветрот и солта, единствено твое вистинско чудо никому непокажано, без сведоци и оние кои би посакале тоа да го опишат. Не, не приговарам, не се жалам, но непријатно е колку многу луѓе ме напуштија, па и сите твои ученици. Скитаат по градовите, бегаат, зборуваат, пренесуваат, толкуваат како си ги подучувал, но мене, којашто прва те здогледав онаа ноќ, она утро кога требаше да биде никогаш повеќе да не се видиме, мене и не ме спомнуваат, ниту ме посетуваат, а верувам дека не сум им ниту во спомените. Ако. Нема во мене ниту тага ниту очај. А, ако морам да ја кажам мојата вистина до оној болен крај којшто го мразиш, таа твоја мисија за којашто учениците пишуваат и зборуваат, требаше само да ги поправат и поучат мажите и да ме замолчат мене. Да. Замисли – да ме замолчат мене!? Па, тоа ме засмејува! Зошто да ме негираат мене, којашто молчи веќе со години, столетија, па замолчев за животот кој го поминуваше меѓу нас и со мене, оглувена, мртва. Да. Мртва. Живи ми се само солзите кои капат на овие букви и не ги раствораат, туку ги печатат. Како да не умеам да пронајдам доволно тажни зборови со коишто некому ќе му ја опишам жалоста која ме обзема, па ме смирува, жалоста која е единствената реалност во овој пустош во кој сè уште се наоѓам. Твојот татко ми ги прошири годините на живот како кај првите луѓе, прататкото и прамајката Адам и Ева. На твоја среќа, овоземска сум веќе стотина години. Не можеме да се сретнеме во таа вечност каде што скапуваш сите тие исти години покрај татко ти, славен и благословен. А можеби и не ја сакаш таа средба? Не е важно, еден ден ќе дознаам.

Чудо необјавено е моето умеење да пишувам. Пишувам. Сè уште не сакам да знам кому и зошто, најмногу пишувам за тебе, но пишувам од неодамна со сите букви кои ги познава нашиот свет. Со клинести знаци, со долгите и шарени ластари на хебрејското писмо, со сликите на Египќаните, со буквите на помирените Грци. Не пишувам јас како твоите ученици со цел и за луѓето, за историјата, туку пишувам затоа што морам и така си ја барам сама својата цел, нејзиното име, доказ за нашето, твоето и моето постоење. Го паметам моментот кога посакав да научам да пишувам, со години посакував да научам да пишувам, но не знам кога ми ја исполни желбата. Сега знам дека всушност сакаше и намерно да го направиш тоа пред конечната разделба за да го напишам ова со сето знаење со кое ти ме маѓепса, а животот пред тебе ме подучи. Ме држи тој, твојот татко, во живот заради ова пишу- вање, во кое нема да има молба за прошка, а нема да има ниту за обвинување, туку само мојот јад и несреќа, како се случувале по ред во деновите додека не знаев дека е несреќа и во деновите кога сфаќав дека е несреќа која не би ја менувала за ништо друго.

Немам јас кого да повикам за сведок, освен тебе и твоите притаени желби. Нема ни кому да му се исповедам. Се немам ни себе освен мојата утроба, која што после сè ја остави само со едно дете. Намерно. Така направи и знај дека не те осудувам, ниту те жалам. Не чувствувам ниту љубомора заради твојата неограничена слава. Ја прифатив најпосле само таа бескрајна љу- бов за тебе. Не, не како покор или товар, туку токму како самата љубов која дише, живее и гледа наместо мене вака стара и грда. Таа љубов која гледа наместо мене, гледа подлабоко отколку што ѝ е дозволено, бидејќи нејзиниот поглед продира и на другата страна од тој твој за луѓето невидлив свет во којшто си сега. Не ја одредив јас силата и моќта на љубовта, туку други го одредија тоа, заборавајќи дека тоа може да се заврти и против нив, колку и да се во положба на господари. Сега веќе нема да пишувам за љубовта бидејќи сè што ќе запишам ќе биде самата таа љубов. Ама и ти го знаеш тоа…

449 ден

Автор: Владимир Стојсавњевиќ
Издавач: Икона
Димензии: 328 стр, 13х20 cm
Тежина: 350 гр.
ОПИС

Живот без име е роман којшто за вечните теми – вистината и лагата, љубовта и омразата, доброто и злото, – раскажува на сосема нов начин. Владимир Стојсављевиќ, преку паралелни приказни создава слика за човековото минато и сегашност, а преку ликовите на Марија Магдалена, Исус, Марија, Понтиј Пилат, пророчиците Марија и Варја, испишува величествен роман за љубовта.

Живот без име зборува за жените во тешките времиња, во коишто тие во вртлогот на политиката, верата и љубовта секогаш ги одбираат чувствата и за нив се подготвени да поднесат огромна жртва.

Продавница
0 items Кошничка

Кошничка

Затвори

Најава

Затвори

Scroll To Top
Facebook Twitter Pinterest WhatsApp WhatsApp Telegram Viber