ЗАКОНОТ НА ВЕЧНОСТА

Последниот роман на Нодар Думбадзе, Законот на вечноста, на специфичен начин се занимава со идејата за борбата помеѓу доброто и злото.


Oва е неверојатно реалистично дело во кое атмосферата на настаните и емоциите се насликани толку живо што е невозможно да не ги почувствувате тагата и радоста на хероите од книгата, исто толку силно колку и тие.


Според мислењето на Бачана, јунакот на овој роман, којшто лежи тешко болен во болница, на злото спокојно може да гледа само човек со вештачко срце. Обраќајќи му се на својот лекар, тој вели: „Сè додека сме живи, ние сме должни еден на друг да си подаваме рака за да им помогнеме на нашите души да станат бесмртни…“ Иако овој роман, како и едно од неговите претходни дела Белите знамиња, одразува една специфична историска ера во Грузија, и има посебно и вистинско време и место каде што се случува, од него сјаат универзален и безвремен драматизам, лиризам и неповторлив хумор, коишто се израз на размислувањата на авторот за спротивставувањето на доброто и злото и за човековото право на среќа и на љубов.

399 ден

Категорија ,
Автор: Нодар Думбадзе
Издавач: Икона
Димензии: 276 стр. 13х20 cm
Тежина: 300 гр.
ОПИС

1

Болката се појави во десното рамо. Потоа отползи до градите и се заглави некаде под левата брадавица. Потоа како да е нечија груба рака продре во градите, го зграби срцето и почна да го цеди, како грозд. Го цедеше полека, грижливо: еден – два, два – три, три – четири. На крајот, кога во исцеденото срце не остана ни капка крв, таа иста рака рамнодушно го отфрли. Срцето запре. Не, најпрво падна ничкум како што паѓа врабец кога ќе се залета во прозорско стакло, затропа, затрепери, па стивна. Но срцето кое запре, тоа сè уште не е смрт, тоа се ококорени очи од неизмерен ужас и мачно исчекување: ќе сака ли да почне одново да чука тоа проклето срце или нема?

– Батоно, срцето не чини да се проколнува. Срцето треба да се негува, во него внимателно треба да се дува, како во зовриено млеко… – изговори медицин- ската сестра.

– Мене, почитувана, не ми е дојдено до убава книжевност! Помогнете!

– Надја, аналгин!… Сега болката ќе попушти! – Но, докторе, тој испи!
– Кардиограм!
Нечии раце го опфатија болниот.

– Но, како е? – праша докторот.

– Мошне длабоко… Не знам што може да се стори тука…

– Докторе или ублажете ја болката … или убијте ме! – Промедол!

Неколку минути подоцна:
– И, како е? Дали е малку полесно?

Болниот се обиде да ги отвори очите за да погледне во човекот кој го постави ова наивно прашање, но не можеше: капаците како да му беа притиснати со тешки, ледени оловни плочки.

– Морфиум! – нареди обесхрабрениот лекар и ја зеде телефонската слушалка. – Антелава, јас сум. Ослободете монитор и подгответе дефибрилатор. Брзо!

– О-ох, убијте ме! – лелекаше болниот.
– Кислород! – нареди лекарот.
Болниот на образот почувствува лесен допир на

влажна газа. Потоа неговото тело внимателно го поткренаа, го ставија во чамец и …

… Чамецот едвај малку се нишаше пловејќи по мирната морска површина. Одеднаш човекот што го возеше чамецот дофати огромен за’рѓан клинец, му го стави на болниот на градите и со силен удар со дланката го закова за клупата.

– Што правиш, ништожнику? – застенка болниот.

– За да не паднеш во водата! – одговори човекот што го возеше чамецот. Потоа со исти такви за’рѓани клинци му ги закова рацете и нозете на болниот, а самиот скокна во водата.

– Не оди, не оставај ме најмил – преколнуваше болниот. – Кој ќе ги искорне клинците?!

– Ќе ги искорнеме таму, на другиот брег! – од далечината допре гласот на човекот што го возеше чамецот. Болниот слушна и други придушени гласови од брегот, но не можеше да разбере што значат тие: упатства на разделба, предупредувачки крикови, зборови на утеха или лелеци на луѓето кои го оплакуваат. …Тогаш гласовите стивнаа, се распрснаа, исчезнаа. Остана само тапа болка, мачно исчекување, безгрижно море и самиот тој, закован за чамецот, од сите заборавен.

– Господе мој, господе, зошто ме остави! – прошепоти болниот, но веднаш сфати дека тие зборови не ги изговори тој и дека затоа бог нема да ги чуе.

А чамецот и понатаму се нишаше на благите бранови на длабокото море…

Поминаа илјада години, и болниот одеднаш слушна отчукување на срцето. И веднаш го прободе остра болка, предизвикана од тоа треперење. Чамецот се приближуваше до брегот. Куп светла го опкружија чамецот.

– Мил господе, како го заковале несреќникот! – некој почна да го жали болниот, извлекувајќи го чаме- цот на брегот.

– Извлечете ги клинците, не можам повеќе да трпам! – преколнуваше болниот.

– Каде е Јашвили? – праша еден од оние кои го дочекаа болниот.

– Овде сум!
– Извлечи!
– Многу е длабоко…
– Тогаш дајте сите заедно! Ајде… Еден, два, фаа-а-а-ќај!…
“Господе, зарем е можно да не можат да ги искорнат?” – помисли болниот, поткревајќи ја раката.
– Не се поместувајте! – го предупреди некој и веднаш им се обрати на своите: – Ајде, уште еднаш,

фаа-а-а-ќај!
Поминаа уште илјада години. Луѓето со забите ги извлекуваа клинците од телото на болниот.

– Како е? – праша најстариот.

– Се качува! – одговорија потчинетите.
– Колку?
– Шеесет!
– Добро, со притисокот почекајте, а сега позанимавајте се со срцето!
– Пулс педесет!
– По сè изгледа, се спаси! – рече оној што стоеше крај мониторот.
– Се стркала! – воздивна болниот.
– Што се стркала? – праша зачудениот доктор.
– Тркалото се стркала! – повтори болниот.
– Какво тркало? Од каде? – Гласот на лекарот затрепери.
– Оттука, батоно, еве, оттука! – болниот ја стави раката на срцето и се насмевна.
Издишувајќи со олеснување, докторот му ја избриша студената пот од челото на болниот.
– Изгледа дека ве спасивме! – изговори.
– Хм, инфаркт во негови години… Да не е рано?

Продавница
0 items Кошничка

Кошничка

Затвори

Најава

Затвори

Scroll To Top
Facebook Twitter Pinterest WhatsApp WhatsApp Telegram Viber