И КОЈ И ДА МЕ СРЕТНЕ

И кој и да ме сретне … е роман за „социјалниот“ човек во кој, сепак постапките на јунакот не се мотивирани од социјалните чинители на животот, туку пред сè, од поривите и страстите што свесно или потсвесно, најчесто ирационално, избиваат од застрашувачки меѓусебно отуѓени луѓе. Чиладзе на маестрален начин ги опишува ситуациите кога се доаѓа до привидно апсурдната помисла дека добротата го распрснува злото, или се констатира дека иднината на секоја убавина е нагрденоста. Тоа е роман – семејна хроника, во која всушност нема ни семејство, ни хроника.


Роман во кој отелотворувањето на атмосферата преовладува над настаните, а над деталните, систематични описи на ликовите преовладува нивната глобална проекција, со што се доловува и отвора комплексот на филозофските проблеми на човековата егзистенција.


И на крај, тоа е роман во кој проекцијата на секојдневното, смислено и чудесно шири низа впечатливи симболични детали (како на пример, онаа за полудениот петел кого луѓето го убиваат, бидејќи неговото кукуригање, кое повеќе не ја најавува веќе вообичаената поделба на времето на ден и ноќ, почнува да ги лути и да ги плаши), деталите во кои често се вткаени повеќе од очигледни лирски дамари на поети кои му припаѓаат на нашето современо доба. Доба во кое сè се менува со застрашувачка брзина, и истовремено сè така застрашувачки се повторува; во кое напредува техниката, а како застоена бара смрди препотопската, полудива етика.

449 ден

Автор: Отар Чиладзе
Издавач: Икона
Димензии: 444стр. 13х20 cm
Тежина: 500 гр.
ОПИС

Таа ноќ се разбуди цело Уруки, а како немаше да се разбуди кога викањето на Борчалинац го параше небото, а Георг, наместо да се смири, дрско се закануваше: „Куршум во чело ќе… ќе ти испукам куршум право во челото…“.

Борчалинец беше чест гостин на селото Уруки, дури и повеќе од гостин, веќе цели десет години сите селани зборуваа за неговата тајна љубов со Ана. Меѓутоа, за сето време никој го немаше видено и не само што никој од него немаше чуено ни збор, туку и гласот му го немаа слушнато. Но тој, наеднаш, само за една ноќ, ги натера да го заборават десетгодишното молчење. И сепак, никој не се осуди да се приближи до куќата на вдовицата, не затоа што луѓето се плашеа од  кривоверецот, туку едноставно не знаеја како да постапат, ни што е подобро: дали да се вмешаат или, како и досега, да останат по страна. Бидејќи и Ана и Борчалинец, сето време се однесуваа како Уруки да не постои и како, во најмала рака, да нема ни очи ни уши. Но како што е познато, во село ништо не може да се сокрие, дури и зборот што мажот ѝ го кажува на жената во постела веднаш станува јавен, така што воопшто не беше тешко да се осознаат работите на една самохрана вдовица. А бидејќи Ана воопшто не го мешаше селото и селото ја поштедуваше неа и се однесуваше како да не гледа ништо. Во име на вистината, што нив би ги засегало кој ноќе доаѓа кај вдовицата. На крајот на краиштата тоа е само нејзина срамота, го троши својот газ, а не туѓ, и ако сака, нека ѝ гори ламбата до мугри. И си живееја така луѓето во Уруки, и никој, ниту нејзе ниту на нејзиното сираче не им скрати ни леб, ни заштита, и никој не си допушти да им додева со непотребни прашања или да ги прекорува заради претераната затвореност. Па, сепак, подобро е да не се меша отколку да се пика нос во туѓи работи. Но ако понекогаш селото ќе се пошегуваше на сметка на ноќните доживувања на Ана, беше колку да му се даде малку работа на јазикот, во тоа немаше ништо лошо, бидејќи секоја вдовица поради карактерот на својата судбина, а посебно ако е млада и убава, по непишан закон секогаш, исто како селската будалетинка или сакатиот човек, станува предмет на општа љубопитност и озборување. Вдовицата ништо помалку не ги интересираше ни жените од мажите, но тие за разлика од мажите, сочувствуваа со неа, бидејќи знаеја дека Борчалинец ја беше совладал со сила и закани. „Синот ќе ми го убиеше…“, се издала еднаш на изворот, и тоа беше доволно жените да се сожалат со неа. И така беше сè додека селото не го забележа пријателството помеѓу Георг и мајорот и не им притекна од каде потекнува тоа, но дури ни тогаш не им падна на ум да го кудат мајорот, иако жената која му падна во око припаѓаше на друг. Меѓутоа, изгледаше малку необично маж во негови години (мајорот веќе ја имаше поминато четириесеттата) да биде ерген, но во секој случај, тој во Уруки пристигна без жена, а дали пред да се насели таму бил женет селаните не успеаја да дознаат. Сепак, тоа никако не значеше дека тој нема право да гледа во други жени, дека се откажал од тоа уште таму од каде што дојде во Уруки, во својата офицерска облека и само со еден огромен сандак.

Тоа што мајорот и детето јаваа на еден коњ, со една пушка, од самиот почеток во селото предизвика претчувство за некоја неволја; но сепак, никој долго не сфаќаше што може да биде заедничко помеѓу тој веќе побелен маж и овој жолтоклунец. А кога сфатија која е причината, сите издивнаа со олеснување и заради нешто застанаа на страната на мајорот – како мајорот да пристигна во Уруки нарочно за да ја прекине тајната љубов помеѓу Борчалинец и Ана, љубов која веќе толку години не му дава на селото ни мир ни сон. Доколку луѓето не се лажат, доколку претчувството не ги лаже, пред нив беа многу значајни настани. Сега сите зборуваа за пријателството помеѓу мајорот и синот на вдовицата, а истите тие жени кои порано сочувствуваа со вдовицата сега умираа од завист: ако порано го гледаа Борчалинец како на нејзина несреќа, сега мајорот со златните еполети им изгледаше како преголема среќа. Единствено Ана и понатаму живееше по старо, повлечено ретко излегуваше од куќата, освен по сол или петролеј, и тоа секогаш во црнина, како што ѝ приличи на вдовица…

– За нас се облекува во црно – ќе кажеше по неа некоја од сосетките – а во душата сигурно ѝ е шарено… за да му угоди на својот кривоверец.

– Баш би сакала да знам зошто мајорот не ѝ е по волја? – ќе прифатеше друга сосетка, со таков израз како да нема други грижи освен љубовните работи на мајорот.

Но на мајорот не му беше потребна ничија помош, сам знаеше што треба да прави. Не ја ни гледаше вдовицата, како да не ја забележува, но еден крај од јажето веќе беше во неговите раце и таа колку и да се сметаше себе си за слободна, повеќе не можеше, како крава останата без надзор да пасе таму каде што ќе посака. Во рацете на мајорот беше синот на вдовицата, Георг, и доколку го припитоми него и го направи сојузник против сопствената мајка, ќе ја подотвори и вратата на нејзиното срце, и мирно полека, без мака, ќе влезе и во него. И така, селото живееше во напрегнато исчекување – пријателството на Георг со мајорот со себе повлекуваше значајни последици, кои набрзо мораше да стасаат и до Борчалинец, а тешко дека ќе го израдуваа. Сега сите, со уште поголемо љубопитство, гледаа во прозорецот на вдовицата, кој секогаш ненадејно ќе засветеше среде ноќ како да е дете со раширени очи, преплашено од страшен сон… и додека траеше тоа селото не можеше да се смири.

Борчалинец очигледно згреши – згреши затоа што науми да ја покаже љубомората и не можеше да ја совлада, но таа ноќ тој го вознемири селото и ја доведе во опасност сета своја украдена среќа. Впрочем, сега требаше повеќе да се грижи за својата кожа отколку за среќата и за тоа како да се извлече жив од Уруки, бидејќи сега ќе има работа со мајорот. Селото никогаш никому не би дозволило да тепа жена со дете, но овој пат не сакаше да го претрка мајорот – сега мајорот се најде помеѓу селото и вдовицата, и тој го имаше главниот збор. Тоа сигурно го задржа и го попречи селото да го научи на памет човекот кој ги навреди вдовицата и сирачето – селото ги исчекуваше чекорите на мајорот. Претепаното дете беше пријател на мајорот, претепаната мајка  – мајка на пријателот на мајорот, и ако им е потребна помош, прв треба да одговори мајорот, а селото веќе знае што треба да се стори! Беше ред на мајорот. Доколку сакаше да му ја преземе жената на Борчалинец, немаше подобра прилика и требаше да се покаже! Вистина, не е лошо да се шета малото дете на коњ, но каква корист од тоа има мајката на детето која нејзиниот бик ја претепал пред целото село? Ако сакаш жената да се откаже од нешто, вети ѝ нешто во замена, и тоа секогаш нешто подобро било да станува збор за маж или за марама. И мајорот, всушност, требаше да покаже дека е во состојба да го замени Борчалинец, дека е подобар од него, да не се излежува во шаторот, туку да јурне право во борба, за која, патем речено самиот тој е една од причините…

Продавница
0 items Кошничка

Кошничка

Затвори

Најава

Затвори

Scroll To Top
Facebook Twitter Pinterest WhatsApp WhatsApp Telegram Viber