МИМЕЗИС

Поднаслов: Приказна за истоштеноста

399 ден

Автор: Андреј Николаидис
Издавач: Икона
Димензии: 280 стр. 13х20 cm
Тежина: 300 гр.
ОПИС

Разбирате: оној што зборува е неподвижен, останал неподвижен додека реченицата била изговорена, внимателно воздржувајќи се од секој гест“.

Жак Дерида, „Вистината во сликарството“

А1:

I SEE A DARKNESS

Bonnie Prince Billy

Моето име е Константин Теофилис.

Ако верувате во приказните за специфичностите, за преголемата оддалеченост и за топ-листите на нации, секако нема да ви се измолкне тоа дека носам грчко име. Еден мој добар пријател вели дека е голема среќа да се биде роден во грчкиот јазик, во кој, низ филозофите, најпрво прозборело Битието, а потоа низ Новиот завет – и самиот добар Господ Бог. За тоа, за жал, не можам да кажам ништо: бегајќи час пред дната, час пред другата војска, моето семејство на својот пат од Жичиште до Улцињ изгубило поголем дел од своите поседи и богатства. До 1974, а таа година ми е особено важна, до 1974 кога Константин ќе заплаче во кошевското родилиште и по дванаесет часа грчеви што ќе завршат со царски рез ќе ги израдува мајката Ана и таткото Јоанис, до 1974 кога семејството Теофилис месејќи леб и печејќи ѓевреци се провлекувало низ Првата светска војна, низ српската окупација на Црна Гора во 1918 година, низ првата Југославија, Втората светска војна, месејќи, повторувам, печива во малата пекарница прозаично (а прозаичноста е добра за работата) наречена „Кај Грците“, месејќи ги и за српските жандари, и за италијанските офицери, и за црните мустаклести балисти, месејќи се` до 1945, кога дедо Никола водејќи се од непогрешливиот деловен инстинкт – да го наречеме во оваа прилика – грчки – проценува дека доаѓаат тешки времиња за малите семејни фирми и го затвора дуќанот, до 1974., како што реков, семејството Теофилис ќе ја изгуби и последната и најголема скапоценост што прадедото Наум ја понел од Жичиште, кога како водач на караванот на кираџии во воловската кола ја сместил жената Хелена и трите ситни деца и ги однел да го продолжат животот во Улцињ – знаењето на грчкиот јазик.

Во куќата во којашто пораснав никогаш не е изговорен грчки збор. Иако одбиваше да го признае, татко ми искрено страдал поради тоа. Неговите браќа, кои ги посетувавме во лето кога од Сараево кадешто живеевме одевме во Улцин кадешто татко ми на имотот на дедо после Големиот земјотрес изгради мала куќа, со мака успеваа да се потсетат на некои грчки фрази. Тогаш кога еуфоријата на семејните ручеци ќе достигнеше врв, а домашната лозова ракија ќе се заменеше со црно вино, некој од браќата на татко ми пелтечејќи ќе запееше некоја грчка песна, нешто што сакаше да си го потпевнува дедо ми во ретките моменти кога не ја читаше Библијата и не размислуваше за сопствената смртност и за пеколот, тој стар грчки свештеник кој од немајкаде станал пекар. Секако забележувате дека велам „таткови браќа“ а не „моите чичковци“. Односите во семејството Теофилис, особено оние помеѓу татко ми и неговите браќа, беа статични и студени – јас само ја продолжувам традицијата. Вие, Теофилиси, сте како грчки кипови, ми велеше мајка ми. Можеби не копнееја еден за друг, но ни зло не си правеа. Под услов да верувате дека рамнодушноста претставува висок степен на мудрост ќе ги прифатите тие односи како рационални и коректни. Меѓутоа: се лажете ако мислите дека грчкиот јазик нема вина во целата приказна.

Прадедо ми Наум од Жичишта, кај Москополе, се сели во Улцин. Дедо ми Никола   кон крајот на деветнаесеттиот век во Котор се качува на брод што ќе го однесе во Америка. Татко ми Јоанис, брзо по моето раѓање, се сели во Сараево. А чичковците, „браќата на татко ми“? Еден заминува во Грција. Друг кај Кордоба го убиваат војниците на Франко. Третиот, капетан на брод во пензија, во деведесеттата година, чувствувајќи ја близината на смртта, едно неделно утро ги буди домашните и им вели: продаваме се`, се селиме во Чантавир, верувајќи, претпоставувам, дека во рамницата Војводина смртта нема да го пронајде. Умира два месеци подоцна. Во прошталното писмо инсистира да го закопаат во Чантавир: сит сум од патувања, моите коски оставете ги таму каде што ќе отидам, пишува. Ако верувате во семејните истории и во извесни поуки што ги нуди митологијата на генеалогијата, се` во мене вели: патувај! Па сепак јас мирно лежам во станот на баба ми на Грбавица.

Ако ја раскажувам оваа семејна историја со по малку жар и нежност – што и мене ме изненадува – го правам тоа затоа што е рано наутро, и јас се` уште поспан се превртувам во удобниот старински кревет. Удобноста на креветот е виновна што утрово минатото го гледам како систем на смислени постапки и очекуван фидбек на околностите. Што е луксузот на принцот за некој којшто за ништо на светот не би се согласил одново да доживее ни еден единствен ден од својата младост, некој што, всушност, најдлабоко се срами од секој ден што го проживеал, некој кој кога ќе погледне наназад на својот живот, како и секој човек што држи до себе, може единствено да каже – I See A Darkness.

Низ завесите утрото продира во собата, обезбедувајќи и на мојата приказна – ореол. Оваа досетка со светлината е ефтина, но ве молам: митологијата и се создава од  ефтини работи. Кога ќе помислам на насмевката на Мона Лиза, за миг губам критериум и секоја мистификација ми се чини прифатлива. Anything goes!

Обично, кога треба да се донесе важна одлука, се вели: остави нека преспие. А вистината е всушност поинаква: човек е тупав наутро, тупав на пладне и тупав навечер. Тупавоста, всушност, е најголема наутро. Сте се запрашале ли зошто сексот е најдобар баш наутро, тогаш кога доаѓа како прва работа по будењето? Затоа што нашиот мозок – којшто, и онака, како што знаеме, го користиме само петнаесетина отсто – тогаш најбавно и најлошо функционира. Она малку крв што безволно се упатила кон мозокот тогаш е најлесно да се сврти надолу. Поспан  човек под топол прекривач е како среќна вереница во продавница со венчаници – се` можете да и` продадете.

Ако верувате во литературни модели; ако сте склони да ја прифатите тезата според којашто литературата од Светите книги наваму ја вообликува стварноста, иако во мера во која оваа влијае на неа, ако уште покрај сето тоа сте и детерминист, ќе си помислите: еве уште еден кој лежи во првото поглавје – ова ќе биде некоја обломовштина. Ако сето погоре наведено е дел од вашиот светоглед, но искуството наместо на детерминизам ве научило на нихилизам, ќе речете: најлоши се оние кои прво мирно лежат – ова е некој грчки Корчагин, а не некој невротичен револуционер или масовен убиец, како да постои разлика.

Постелата во којашто лежам е рај за југоносталгичарите, тој специфичен локален вид луѓе искрено посветени на одбивање на фактите и на нивното здраворазумско толкување. Креветот, купен во 1991 година, откако се отсели и последниот потстанар на баба ми, Грк од Хидра кој во Сараево студираше земјоделство, произведен е во „Симпо“, Врање, Србија. Перницата и постелнината, новогодишен подарок од тетка ми, кои од средината на осумдесеттите баба ми ги чувала во орманот и кои утринава силно мирисаат на лавандата со којашто ги штитела од молци, носи трејд марк „Лио“, Осијек, Хрватска. Најпосле, благодарение на сараевските студени мајски ноќи, го облеков и стариот џемпер за скијање, од фирмата „Рашица“, Словенија.

Но, што воопшто правам јас утрово, загледан во минатото, во постелата која правосилно би можела да се смета и за инсталација или за некоја друга форма на современа уметност, која под насловот каков што е „ЈУ: Р.И.П“ или „Си беше еднаш еден кревет: си беше еднаш една земја“ би можела да биде изложена во некоја од европските престолнички галерии, но ете, делејќи ја судбината на којзнае колку други загубени ремек-дела, скапува во станот на мојата баба?

Ја носам најважната одлука во животот…

Продавница
0 items Кошничка

Кошничка

Затвори

Најава

Затвори

Scroll To Top
Facebook Twitter Pinterest WhatsApp WhatsApp Telegram Viber