ОВДЕ НЕМА ДА ИМА ЧУДА

БЕНДЕР ПОМИСЛИ ДЕКА СЀ што ќе се случи тој би можел погрешно да го сфати. Потоа се огласи ѕвоното. Бендер направи неколку чекори, пријде до вратата и ја отвори. Пред вратата не најде никој. Подизлезе и со погледот го пребара ходникот. Вратата на лифтот бесшумно се затвори. Некој влезе во лифтот. Бендер напра- ви чекор и излезе од станот. Механизмот на лостот со тегови на непознатото влече накај земјата. Бендер ја почувствува непријатноста на ситуацијата во која позици- ите сè уште не се јасно одредени. Остана да стои пред отворената врата на станот, наслушнувајќи ги чекорите, гласовите и шумовите во кои би можел да пронајде знак дека ова ќе се случеше и без него како сведок. Не пронајде ниеден знак што би го уверил во тоа. Сите ната- мошни постапки зависеа само од неговата одлука. Ако се врати во станот и ја затвори зад себе вратата, запуш- тениот ходник во кој отпаѓа малтерот ќе остане празен и без сведоци. Наместо да се врати во станот и да ја приведе ситуацијата кон крајот, Бендер со ногата го турна рекламниот леток во боја што му се најде на патот и истрча по скалите, прескокнувајќи по неколку скалила одеднаш. Со левата рака се задржа за дршката, додека со десната одржуваше рамнотежа. Намерата му беше да биде побрз од лифтот. Иако вертикалната патека на лифтот го скратува патот, и без човек да се труди, Бен- дер беше убеден дека ќе стигне на приземјето пред лифтот. До третиот кат има седум краци на скалилата. Кога стигна до приземјето му се причини дека биле помалку. Лифтот застана во приземјето. Бендер воздивна. Напнатоста во која го доведе сопственото тело го дос- тигна врвот кога вратата на лифтот се отвори и кога откри дека во него нема никој. Бендер се загледа во одразот на сопствениот лик во огледалото на лифтот и се втурна секунда пред вратата да почне да се затвора. Притисна број три. Кога вратата на лифтот се отвори, Бендер се најде во истата позиција од каде што тргна. Излезе од лифтот и застана пред отворената врата на станот. Мо- жеше да се заколне дека ја затвори пред да тргне во ловот на непознато. Го напипа клучот во џебот. Со раката ја турна вратата и зачекори во станот. Сè изгледаше то- кму онака како што беше и пред неколку минути. Најпр-вин погледна зад вратата, надевајќи се дека опасноста ќе го дочека токму таму. Зад вратата не најде никого. Продолжи да се движи низ станот како низ тукушто от- криена колонија на која ѝ се заканува белиот човек. Ја провери секоја соба и пред да одлучи да ја заврши игра- та, неколкупати викна АЛО. Немањето одговор го охрабри. Се доближи до влезната врата и ја затвори, ги соблече чевлите, па бос продолжи да чекори по станот. Табаните на подот оставаа влажни дамки и го следеа до кујната. Бендер седна на масата. Кујната беше преполна со гласови без извор што влегуваа низ отворениот про- зорец. Џагорот се рашири во бранови, носејќи го сето она во што би можел да се заколне како во несомнена вистина. Од кујната во ходникот, од ходникот во собата, од собата пак во ходникот, бранови на испрани детски гласови, лаеж на кучиња, гласови од радио, женски плач, садови, чекори. Повторно слушна чекори пред вратата. Не чекајќи ѕвоното повторно да го изненади, стана и се упати кон влезната врата. Од сè што беше исплакнато само чекорите на скалите беа упорни. Упорноста на чекорите да траат го увери Бендер дека тоа мора да се истите чекори од предмалку, освен што тогаш не ги очекуваше, а сега е подготвен да се соочи со нив. Метален машки глас се оттргна од звучникот на радиото во станот над оној на Бендер, се втурна низ отворениот прозорец на кујната и означи точен час, минута и секунда. Точното време го пречека Бендер во ходникот и го расколеба во намерата да го направи незабележително своето движење. Бендер застана во расчекор, чекајќи радиото да стивне. Гласот на спикерот продол- жи да зборува, дробејќи ја намерата на Бендер за соочу- вање, а потоа најави и директно вклучување. По паузата што беше потребна за технички да се изведе вклучувањето, станот го преплави литургиско пеење. Молитвата се одби од ѕидовите на катедралата и се заби како шрапнел во ѕидовите на станот. Бендер се запраша дали молитвата што допира од радиото означува зголемен ризик. Застана, очекувајќи од звучникот да дојде екс- плозија, но ништо не се случи. Литургиското пеење продолжи и чекорите на Бендер ги направи свечени. Бендер се приближи до вратата и ѕирна низ шпионката. Здогледа маж како седи со грбот потпрен на вратата на соседниот стан и како пуши. На прагот на влезната врата мажот стуткал мал прекривач и од него направил седиште, покрај кое ставил пепелник. Бендер го немаше видено никогаш претходно да седи на прагот и да пуши. Сега прв пат го гледа. Косата на мажот е црна, а кожата обоена со нијанса на кафена, која не може да се спореди со која било работа во природата, освен со бојата на расата. Го имаше сретнато неколкупати на скалите и во лифтот. Отпрвин поминуваа еден покрај друг без збор. Потоа почнаа да се поздравуваат, а оттогаш долго се не- маат сретнато. Бендер заклучи дека Турчинот се иселил. Ако сега повторно му се обрати, ќе мораат еден пред друг срамејќи се да се сопнуваат на јазикот кој никогаш нема да биде нивен. Само во повторуваната комуника- ција јазикот може да има смисла. Треба да се тргне од почеток. Повторно ќе го праша како се вика. Секое следно прашање ќе биде оправдано од претходното. Кој го притисна ѕвоното на вратата? За тоа прашање треба да се подготви терен. Мажот испушти дим, кој ветрот го внесе низ шуплината на вратата на Бендер. Бендер се обиде да остане незабележан, но со рацете невнимателно се потпре на вратата. Бравата на вратата штракна под тежината на Бендер. Бендер почувствува дека е откри- ен. Турчинот ја крена главата и погледна прво во врата- та на Бендеровиот стан, а потоа во дебелото око на шпионката. Бендер помисли дека таквата суптилна реакција на едвај забележливата промена мора да е одлика или на она со што човек се занимава и на расата на која ѝ при-паѓа. Лицето на мажот е потемно отколку што го памети Бендер. Косата над челото почнала да се ретчи. Мажот длабоко го вовлече и кратко го испушти димот од цигарата. Бендер го гледаше низ шпионката свесен дека Тур- чинот тоа го знае. Турчинот, навикнат на позицијата на туѓо тело, дозволи да биде набљудуван. Бендер продол- жи да ја одржува позицијата на невидливост, свесен дека го штити затворената врата. Турчинот стана, се приближи до вратата на Бендер и го прочита презимето на вратата. Бендер виде како усните на мажот се помрднуваат, обликувајќи глас на секоја буква посебно. Тур-чинот ја искоси главата како променетиот видик да ќе му открие што сè означува името на вратата. Потоа сосема се приближи до стакленото око и погледна во длабочината на Бендеровата зеница. Бендер остана неподвижен. Турчинот се оддалечи од вратата и уште еднаш го кажа името. Кога би можел Бендер со задоволство би ја отворил вратата и би кажал дека тој не е тој, дека во неговиот случај името на вратата не го означува и оној кој е означен со името. Кога би можел би ја отворил вратата и со раката би покажал на плочката со презимето, а потоа неколкупати би повторил дека тоа не е тој…

349 ден

Автор: Горан Ферчец
Издавач: Икона
Димензии: 258 стр. 13х20 cm
Тежина: 300 гр.
ОПИС

Пустошот, празнината, враќањето во непостоечкото, распадот и заминувањето од историјата, се само некои од големите теми коишто во својот прв роман Овде нема да има чуда ги опфаќа еден од најталентираните современи хрватски автори. Главниот јунак Бендер, е млад интелектуалец соочен со криза на идентитетот, во неименувана метропола на Запад, во којашто отседнал за време на војните на нашите простори. Тој е ескапист којшто бега не само од минатото туку и од секојдневието, преполн со сомнежи кон самиот себе. Во таквата, потполно нарушена позиција, еден ненадеен повик од татко му ќе го натера да се врати во својата татковина, во селото од каде што потекнал, во коешто по воените пустошења веќе никој не живее. Тоа враќање од урбаната антиутописка стварност во руралната пустелија, се случува не само на реалното, физичко ниво на патувањето, туку и, уште поизразено, во свеста на главниот јунак. Неговиот судир со самиот себе, со своите демони и со татко си, а и невозможноста да исчекори од судбината, го водат до сеопфатна негација на реалноста.


Овде нема да има чуда е еден од оние романи коишто поставуваат вистински прашања, но притоа не даваат одговори, затоа што ги нема. Главниот јунак во ова дело на Ферчец е амблематски интелектуалец на сегашноста, тој може само да трага и во тоа трагање сосема да исчезне, затоа што последиците од војните, транзициите и современоста се толкави што на поединецот не му оставаат никаква перспектива освен целосна ништожност, којашто може да биде, но и не мора, почетна точка за создавање на новото.


Сите се развревија; а потоа се случи нешто што никој не го очекуваше.

Ф.М. Достоевски: Бесови


…тој заеднички дом ќе се издигне над целиот град и неговите куќи со дворови и малите приватни згради ќе се запуштат, непробојно ќе ги прекрие растителниот свет, таму постепено ќе престане дишењето на закржлавените луѓе на заборавеното време.

Андреј Платонов: Ископ


И татко ми еднаш имаше син во кој се полагаа големи надежи. А за таквите големи надежи не е доволна мала грижа. И немојте, разочарани, да станеме трагично несреќни. Не вреди.

Кнут Хамсун: По зараснатите патеки

Продавница
0 items Кошничка

Кошничка

Затвори

Најава

Затвори

Scroll To Top
Facebook Twitter Pinterest WhatsApp WhatsApp Telegram Viber