СПОКОЈ

Утрото се разбудив и видов како покрај мојот кревет стои маж во реверенда и со палецот ми го допира чело- то, како кога некого крстат или му го даваат последното помазание. Неколку мигови во мислите ги пребарував остатоците од вчерашниот ден – кај сум и кој е човеков. Веројатно, бев среде кошмар кога се истргнав од допирот на свештеникот; сега неговите прсти сè избришаа, воопшто не ме израдува тоа, бидејќи колку и да беа безвредни, сепак важни ми беа моите соништа.

– Разбудете се. Јас веќе одамна одредив казни за сите вчерашни пцости. Згора на тоа, петнаесетмина дојдоа на причест и на крајот сите останаа живи – рече, одговорив дека ова е многу среќно село оти нивниот свештеник на- вистина верува во Бога. Потоа, додека пиевме кафе го прашав дали крстот што ми го стави на челото е првиот или последниот сакрамент.

– Зарем не ви е сеедно? – праша.

– Сеедно е. Само човек понекогаш сака да верува дека сепак не е – реков.

Најкраткиот пат до станицата водеше преку циганската населба. Со својот прастар џип свештеникот во слалом го избегнуваше калот меѓу полуурнатите и полуизградените куќички и притоа како луд стискаше на сирената за да ги избрка полуголите дечишта што трчаа покрај возилото. Некои од нив не носеа ниту гаќички, гологази и боси трчаа по нашето возило. Највештите веќе беа закачени за кваките од вратите и безгрижно се кикотеа, додека останатите скокаа по камењата што стрчеа од калта, та изгледаше како да одат по вода. Меѓутоа, сите тие голога- зи дечишта носеа ист црвен џемпер како и јас, бидејќи во минатонеделната хуманитарна пратка од Холандија пристигнале петстотини црвени џемпери – тоа сега делуваше посенишно одошто куќичките покриени со најлон место ќерамиди. Толкавиот број црвени џемпери од Холандија беа позлокобни од ќебињата на прозорците, од собите со само три преградни ѕидови од кои можеше да се види отворената врата, од предвремено остарените жени кои молчаливо седеа на бетонските скали што не водеа никаде. Имено, скалите што никаде не водат можат да бидат мошне човечки.

Ми се слоши; првин помислив дека е така поради трескањето на возилото или од глетката на оние силни црвени џемпери, меѓутоа, во следниот миг веќе точно се сетив на сонот в зори, до најситните детали. Седев во колиба на кревет направен од штици, го набљудував потпукнувањето на цепаниците во ќумбето, гледав низ прозорецот како се разденува и чекав да почне работното време. Тогаш во соседниот канал почнаа да се будат крволочните кучиња. ‘Ржејќи ја копаа земјата, грабаа изглодани коски, ги глодаа сосема исушени пршлени барајќи ги остатоците срж, исто како и секоја зора. Облеков сукнен капут, зедов долг стап со кука и отидов зад колибата до бунарот со трупови да го земам нивното дневно следување. Тоа беше мојата работа: двапати дневно да ги нахранам кучињата и никогаш да не прашувам кои се мртвите. Вистина е, немаше кого да прашам. Еднаш неделно, и тоа секогаш ноќе, бунарот го полнеа со трупови. Додека се разбудев, мртвите жени и деца веќе беа таму. Всушност, сите трупови беа преубави, единствено нивната неподвижност и сладникавиот мирис откриваа дека навистина се мртви. И да, таму долу со мирна душа можев да фатам со стапот кој било од нив, можев да им ја наместам куката околу вратот, а потоа, земајќи ги во раце како заспана љубовница или болно дете, преку чистинката да ги пренесам до каналот со гладните кучиња. На растојанието на околу сто чекори можев колку што сакам да им се восхитувам на нивната убавина и студената неподвижност. Знаев дека додека чекорам по патеката можам да мислам и чувствувам што ќе посакам. Во тоа никој не можеше да се меша, никакви прописи не можат да влијаат на мене. Имаше такви што без ниту еден збор ќе ги премесев од бунарот до каналот, но имаше и такви со кои зборував, на пример, за шумата, за тоа дека поради мовта стеблата изгледаат како да се мувлосани и им кажував дека за разлика од другите шуми оваа нашава нема ко- рења. – Погледнете – ѝ реков на една старица и со ногата ги растурив сувите листови. Погледнете, тоа се само шти- ци така што не мора да се плашите. Секако, знаев дека не се плаши оти беше мртва. Дека ѝ е сеедно. Дека спокојно можам да ја фрлам на кучињата, но вака беше сепак пои- наку отколку држејќи ја за нозе да ја одвлечам до каналот. Неколку пати пробав и така, но не ми се допадна. А сега играв валцер со едно девојче в раце, бидејќи претпоставу- вав дека би сакала да танцува. Со зрно од боровинка ѝ ги заруменив усните, нејзиното тело од едвај осум години беше полесно од нарамник суви лисја, а кога се вртевме ветрот ѝ ја замота косата околу моето лице. Еден-два-три, еден-два-три, играјќи валцер стигнавме до крволочните кучиња, но цело време знаев дека ми е должност, дека на работ од каналот и неа ќе мора да ја спуштам од два метра височина. Да, дури ни со неа не смеам да направам ис- клучок. Само што пред да ја фрлам на кучињата со остри заби, ги отвори очите и ме праша – кога веќе умеам толку добро да танцувам, зошто ја работам оваа работа. Јас ѝ одговорив дека не умеам ништо подобро, а од нешто мора да се живее. Не сум способен за ништо друго, затоа и ме ставија во одделот за хранење кучиња, реков, а потоа во ритамот на валцерот ја пуштив нејзината половина, но таа не се струполи меѓу кучињата, туку лебдеше како пердув, а во меѓувреме се смееше, и кучињата веќе ја расчеречу- ваа, низ шумата уште одѕвонуваше нејзината смеа. Тогаш одеднаш почувствував дека ќе полудам. – Пуштете ја! – им викав на кучињата и ги гаѓав со дрва и камења. – Уште е жива! – врескав. – Од оваа сите ќе пцовисате! – се дерев, но тие и понатаму ја кинеа, девојката се смееше, а од неј- зината крв згниената шума се исполни со мирис на нане. – Ти, ороспијо низаедна! – врескав. – Нема да направиш убиец од мене! – пиштев, потоа почнав да бегам меѓу др- вјата, иако знаев дека тоа нема никаква смисла и веќе од устата ми избиваше тиња.

499 ден

Автор: Атила Бартиш
Издавач: Икона
Димензии: 248стр. 13х20 cm
Тежина: 250 гр.
ОПИС

Спокој е жив сеизмограф за внатрешните потреси и настани на мајка и син заробени во Едиповиот кошмар среде задушувачката тоталитарна прегратка на комунистичката Унгарија. Андор Веер, триесет и шестгодишен писател, живее во тесен стан со својата самозатворена мајка, Ребека, која некогаш била меѓу најзначајните актерки во Будимпешта. Неможејќи да ја издржи нејзината манијакална тиранија, но стравувајќи да ја остави сама на себе, нивната горка меѓузависност ги турка во Сартров пекол на омраза, лаги и смирување. Потоа Андор се сретнува со прекрасната негувателка Естер, жена која изгледа како да нема минато, и се заљубуваат на прв поглед. Со исполнет живот навидум на дофат за прв пат, Андор одлучи дека е подготвен да ја донесе Естер дома за да се сретне со неговата мајка. Иако ликовите на Бартис се непокајнички невротични и облечени во најцрниот хумор, неговата емпатија за нив е длабока. Политичка фарса од највисокиот ироничен поредок, заклучувајќи дека “слободата е состојба непогодна за луѓето”,


Спокој e сложената психодрама свртена наопаку, откривајќи ja со визуелен сјај гротескната идеја дека не постои ништо посмешно од несреќата Претставата што ја прават мајката и синот… е делумно Стриндберг и делумно Чехов, но главно чист Бекет или дури чист театар на суровост.

– Frankfurter Allgemeine Zeitung

Продавница
0 items Кошничка

Кошничка

Затвори

Најава

Затвори

Scroll To Top
Facebook Twitter Pinterest WhatsApp WhatsApp Telegram Viber