Момченцето доцна проговори. Повлечено е, претпазли-во, чека. Има единаесет години. Единаесет и пол, би рекол, речиси дванаесет. Живее со мајката недалеку од паркот на западниот крај од градот. Киријата е превисока за нејзини- те примања. Пријателите ја советуваат да се пресели; таа возвраќа со набројување на предностите. Училиштето не е далеку, до метро станицата се стигнува за шест минути; са- мопослугата е зад аголот, квартот не е зафатен со бранот на насилство; гаража, интерфон, зеленило. Другите причини, поинтимните, ретко ги споменува. Селењето би значело по-раз. Шеснаесет години на исто место. Подвиг на истрајност. Шеснаесет! Една младост. Во неделите, во предвечеријата, на лето, излегува на терасата со чаша вино во раката. Одам во градината, му вели на синот, ако синот е дома. Секој втор викенд и дел од распустот малиот го поминува кај татко си. Таткото е побогат. Скороевец: малиот ја слушнал мајка си како го изговара тој збор. Му купува ситници, маици со ше- говити натписи, техника која застарува со неверојатна брзина. Не е сѐ во парите, често вели мајката. Стан, балкон, три или четири хибискуси, тоа е доволно, би можело да биде доволно. Во ова климатска зона цветовите опстануваат само еден ден. Ги шират ливчињата од цветовите и се сушат. Мајката сака да ги замислува топлите поднебја. На лето, на терасата, со првата голтка вино понекогаш ќе ги почувствува смоквите, нането, маслинките. Следните голтки се поостри. Вино, карст и сонце, облици растопени во врелината: воздухот трепери над студената река. Кога ќе ги слушне сирените на полициските и амбулантните возила кои поминуваат по булеварот се враќа во станот, вознемирена.
Станот: коцка поделена на неколку помали коцки во кои се натрупуваат и губат човечките траги. Исчезнати се армија играчки, срушени се лего – градови, поминале конвои автомобили и камиони; ги замениле постери, компјутер, игри. Сега на ѕидот има постер на семејството Неверојатни. Утре, којзнае што? Работите на мајката се поинертни. Лекови, козметика, средства за чистење. Фотографии, книги, видеолен- ти, тетратки со дневнички записи за кои веќе нема време. Кутија со документи, писма и исечоци од весници, скриена на дното од плакарот, зад штицата за пеглање, под венчалните дарови. Таткото на момчето на тоа место криел збирка порнографски филмови: под порцеланскиот сервис, чаршафите, постелнините со везен монограм. Не го зела презимето; се случил скандал. Која си ти, врескала нејзината мајка, Клара Цеткин? На плочките во кујната, шолји со неправилни облици, ведри бои, кои ги направила кога накратко се придружила на групата за терапија со уметност. Завесите ги купила на распродажба. Станот го варосала минатото лето, додека малиот бил кај татко му. На ѕидот во дневната соба има цртежи на малиот со едреници. Урамени акварели, дела на нејзината сестра. Мртва природа.