ТАТКО НА ЛЕДЕНИТЕ РИДОВИ

ТАТКО НА ЛЕДЕНИТЕ БРДА

„Па, затоа стани, совладај го своето паѓање на духот кое во секоја победува борба“. Јас станав и се покажав посилен отколку што навистина се чувствував, реков: „Ајде, јас сум храбар и силен“.

Данте, Пеколот

ВО ТЕКОТ НА ЕДЕН СТРАШЕН ДЕН И ЕДНА УЖАСНА НОЌ (ПРОЛОГ)

Секоја мистерија има клуч со кој се отвора. Ретко кој имал прилика да ја прочита таа Книга која го содржи едно од најчудните предавања на сите времиња. Ја пронајдов во библиотеката на Павле Подбјелски Гроф, библиограф и колекционер на стари, ретки изданија. Во неа пишуваше дека Платоновото кажување за баснословниот залив Атлантида, изречено во два прочуени дијалози наречени според Питагореецот Тимеј и Платоновиот вујко Критиј Помладиот, е само шарена кулиса, гола измислица по којашто посегнал Платон, сакајќи со претстава на фантастична приказна да ги направи поприфатливи и помонументални своите авторитетни политички идеи. Поточно, Платон го пренел понатаму она што нему му го пренел Солон, повикувајќи се на фамозниот египетски писар. Меѓутоа, интригата е во тоа што Солон никогаш не бил во Египет (во тоа време бил на Кипар). Како и да е, во Книгата пишуваше дека токму Исланд е тој остров од лед и оган за којшто Хомер запишал дека лежи „далеку од луѓето, на самите меѓи на светот“. Тоа подрачје од дамнина е познато како жариште на геолошките драми и немири во коишто островите нагло исчезнале, а потоа повторно испливале од водата. За секое тврдење во книгата беа приложени цврсти докази. Овде го пронајдов податокот дека првите поморци потекнуваат од Исланд (Атлантида). Тие поморци, да речеме, први стапнале на Велигденските острови со необичните џиновски глави.

Да се присетиме за момент на „Книгата за настанокот“:

„И Господ виде дека има голема злоба меѓу луѓето на земјата и дека сите мисли и намери на нивните срца се само зло за сите времиња.

И тогаш Господ се покаа што го создаде човекот на земјата и тој се загрижи во своето срце.

И Господ рече: ‘Јас ќе го отстранам од земјата родот човечки кој го создадов, од луѓето сѐ до стоката и до птиците под небото; бидејќи се каам што ги создадов’“.

Сеопштиот потоп како пресуда на оној дел од прастарото човештво коешто од алчност и расипаност се издигна над земските мерила и заслужи праведна казна, беше, всушност, наменет за џиновите на Атлантида коишто, користејќи се со џиновскиот раст како своевремена потврда на своето божествено потекло, ги потчинија сите околни народи.

Сето тоа сигурно се случувало со ужасно голема брзина. Низ целото немирно подрачје што зјае помеѓу Јан Мајен на север и Тристан де ла Куње на југ активирани се стари, аглести вулкани, отворени се нови отвори. Подземната врата и морската вода налетале една на друга, уништувајќи сѐ титански. Се разрушиле моќните капии на подземниот свет, морското дно се распрснало. Од отворените длабочини бликнала вжарена магма и се помешала со водата од Атлантикот којшто вриел. Целиот Исланд е опфатен со огнен прстен и оган којшто можел да го изгаси општиот потоп. Загреаната пара се извивала со вртоглава брзина, а вжарената лава бликала нагоре, правејќи инки како кули. Тоа потрајало некое време, а потоа пеколот почнал да се повлекува во себе. Морските бранови го проголтале сето она што порано било голем остров со високи планини и прекрасни градби.

Многу години подоцна на тоа место, од морските длабочини испливал островот кој денес го нарекуваме Исланд.

ПАТУВАЊЕ ВО ДЛАБОЧИНАТА НА ЛАВИРИНТОТ (ПРЕДГОВОР НА ПРИРЕДУВАЧОТ)

Целиот живот ме водеше стравот. Јас сум двојно изгубен човек – ниту го познавам светот ниту се познавам себе си. Не сум од оние личности коишто умеат да им се приближат на луѓето ведро и со леснотија. Јас сум, можеби, месечар кој оди на раб на амбис, а познато е дека месечар не е пожелно да се биде. Ете, воден од раката на Привидението, стигнав до Исланд. Во вистинско време се најдов на вистинско место. А да не беше благонаклонетоста на случајот (случај настанува кога ќе се вкрстат два правци на некои случувања и со тоа е само друго име за систем на грижливо одредени нужности), сѐ ова за што се зборува во „Таткото на ледените брда“ и понатаму би било закопано во планинската пустелија на таа далечна островска земја, во мрачен предел полн со мртва, влажна тишина.

Повикот за посета на Исланд ми стигна како порака од оној свет. Мора да се признае дека адептите на друштвото „Песочна книга“ организираа сѐ со совршена прецизност. Конспиративно, како што и доликува, ми испратија писмо и пари за карта до Рејкјавик (а парите, да го кажам и тоа, далеку ја надминуваа реалната цена на картата), детално објаснувајќи како најбрзо и најбезбедно да стигнам на Исланд. Во тоа време настапија ноќи со полна месечина, кога во пречувствителните души се ројат сомнамбулни треперења и фантазии. Како клешта студот го стегаше и онака студениот и крут град. Поминував низ најтмурниот период од мојот живот. Тонев во очај, чемер и депресија како во жив песок. Живеев потполно осамено, заблиндиран во својата соба и никакви духови веќе не можеа да поминат низ тој оклоп. Не сакав да се мешам со целиот тој конвој расипани луѓе кои се изродија во деведесеттите во Србија. Далеку од тоа дека јас бев невин. Чувствував како внатре сум полн со духови. Бев во тунел, во мракот на тунелот не се гледаа неговите ѕидови. Да, патев. А кога патиме, имаме одвратност кон животот. Го мразиме. Еднакво како и потполна среќа која не е ништо друго освен последен стадиум на очај.

Луѓето околу мене живееја во срамна и понижувачка сиромаштија. Тажното секојдневие имаше вкус на грозна блуткавост на храна која ја ставаме во устата без никакво задоволство. Србија потсетуваше на несреќен едреник шибан од бури, но којшто, кога би минале бурите, би останал да стои, не можејќи да се помрдне заради недостаток на ветар. Цицлестите пророчици од розовите телевизии со лажен сјај ги заробуваат кревките души на адолесцентите кои, мачени од телесните тајни и неисполнети љубовни копнежи, можеби најмногу патеа во овој незапирлив свет. Иако многу од моите врсници ја преживеаја војната, таа како да не ги врати во нормалниот живот. Имав неколку познаници кои тие години западнаа во душевни болести. Еден од нив, кој се врати од боиштата во Славонија, западна во лудило коешто речиси не е забележано во психијатриските книги – си замисли дека е сочинет од стакло и не дозволуваше никој да му се доближи од страв дека може да се искрши на парчиња. Мојот пријател, сликар, најблагородниот којшто некогаш сум го имал, заврши во Њујорк, таа вавилонска циглана која турка и руши, брзо воздигнува на пиедестал, но по суровиот закон пазарот и ги крши уметниците кои пристигнуваат од целиот свет, надевајќи се дека нивните слики ќе ги здогледаат ѕидовите на некоја галерија или ќе бидат купени и вбројани во колекцијата на некој угледен колекционер. Заврши како скитник и за неколку месеци умре без никој свој крај себе. Еден друг мој пријател, со којшто десет години играв фудбал во локалниот клуб „Слога“, трагично настрада, летајќи со колата во езеро. А во мало место кога ќе се случи трагедија тоа го преживува целиот град. Еден младич изврши самоубиство бидејќи свршеницата го напуштила и заминала во Канада. Одлучил дека животот веќе не е важен, го вратил Божјиот дар. Овде околу мене имаше уште многу самоубиства и сите беа некако депресивни, никако оптимистички, во нив немаше ништо херојско. Покрај тоа, воопшто не е чудно тоа што самоубиствата најчесто се случуваат во пролетните месеци. Тогаш корењата на билките остро како жилет засекуваат во артериите полни со вода, животот блика, а чувствителните души како префинети свилени буби најтешко ја поднесуваат љубовната болка. Меѓу другото, додека постои пролетта до тогаш ќе има немир во душите. Човек се убива тогаш кога останува сам, потполно гол, кога ќе сфати дека е прекуброен и дека го изгубил упориштето кое никогаш не се наоѓа длабоко во човекот, туку во некој недоволно прецизно одреден простор помеѓу поединецот и другите. Со нашите мали сили се бориме против поголеми сили. Човек се убива од благодарност кон реалноста за којашто веќе не е достоен. Како што рекол некој, се убиваат оптимистите, оптимистите кои веќе не можат да бидат тоа. Јас, сепак, не бев од тој сој. Да, годините минуваа, со мене старееше и моето куче, стануваше некако уморно, помирено со болеста. Зборовите од неговите очи зборуваа: немам сили, при крај сум.

330 ден

Автор: Драган Јовановиќ Данилов
Издавач: Икона
Димензии: 244стр. 13х20 cm
Тежина: 250 гр.
ОПИС

Секоја мистерија има клуч со кој се отвора. Ретко кој имал прилика да ја прочита таа Книга која го содржи едно од најчудните предавања на сите времиња. Ја пронајдов во библиотеката на Павле Подбјелски Гроф, библиограф и колекционер на стари, ретки изданија. Во неа пишуваше дека Платоновото кажување за баснословниот залив Атлантида

 

Во овој одлично напишан и компониран роман, постојано доминира приказната којашто во себе ги собира подемите и падовите, новите и старите митови на модерниот човек, како и неговите разнолики сознанија. Татко на ледените ридови претставува непосредна средба со фактите на стварноста, со автентичното и проживеано искуство. Овој роман плени со невообичаена сила и кога зборува за војните во втората половина на XX век, и кога зборува за уметничките и јавните истории на модерното време.

 

 

Продавница
0 items Кошничка

Кошничка

Затвори

Најава

Затвори

Scroll To Top
Facebook Twitter Pinterest WhatsApp WhatsApp Telegram Viber