РАЗМИСЛУВАЊЕТО НА КНАУСГАРД Е ВЕЛИЧЕСТВЕНО И НЕСКРОТЛИВО, ВИСТИНСКА ПОПЛАВА ОД МИСЛИ. НЕГОВИТЕ ОПИСИ НА ЖИВОТОТ, ВО СИТЕ НЕГОВИ РАЗНОЛИЧНОСТИ, СЕ БЕСТРАШНИ И УБЕДЛИВИ
За срцето, животот е едноставен: тоа чука сѐ додека може. Потоа сопира. Порано или подоцна, ова чукање доброволно ќе престане, а крвта ќе почне да се насочува кон најниската точка од телото, каде ќе се собере во една мала баричка, видлива од надворешноста како темна, мека дамка на дотогаш најбелата кожа, а како што температурата опаѓа, екстремитетите се вкочануваат, а цревата се празнат. Овие промени во првите часови се појавуваат мошне бавно и се одвиваат со голема неумоливост, така што во нив има нешто речиси ритуално, како животот да капитулира во согласност со специфични правила, некаков џентлменски договор, на којш- то му се приклонуваат и претставниците на смртта, со оглед на тоа дека секогаш чекаат животот да се повлече пред да ја почнат својата инвазија кон новиот пејзаж. Меѓутоа, до таа точка, инва- зијата е неотповиклива. Не може да се спречи инфилтрацијата на енормните орди на бактерии што почнуваат да се инфилтрираат во внатрешните органи од телото. Ако се обиделе неколку часови претходно, тие би наишле на мигновен отпор; меѓутоа, сега сѐ е тивко околу нив, додека продираат сѐ подлабоко и подлабоко во влажната темнина. Напредуваат низ Каналите на Хејверс, Крип- тите на Либеркун, Островите на Лангерханс. Продолжуваат низ Капсулата на Боуман во бубрезите, Столбот на Кларк во ’рбетот, црната супстанца во Мезенцефалонот. И пристигнуваат во срцето. Дотогаш, тоа е недопрено, но бидејќи е лишено од активноста врз којашто е осмислена целата конструкција, во него постои некаква необична опустошеност, како некоја фабрика одненадеж напуштена од работниците, или барем така изгледа, како неподвижните во- зила што болскотат со жолта боја наспроти темнината на шумата, како напуштените колиби, како низа од целосно натоварени кабли што се протегаат низ падината од ридот.
Во мигот кога животот го напушта телото, тоа ѝ припаѓа на смртта. Станува истоветно со ламби, чанти, теписи, кваки, прозорци.
Полиња, мочуришта, поточиња, планини, облаци, небото. Ништо од сево ова не ни е туѓо. Постојано сме опкружени со објекти и појави од царството на смртта.