Секогаш кога го изговарав моето име на крајот го додавав и неговото значење на арапски и се засрамував кога некој грешно ќе го изговореше последниот слог. Кога за тоа ја прашував баба ми таа процедуваше низ заби: „Тоа е името на твојот прадедо”. Моите предци започнале да се занимаваат со трговија во Трабзон и станале најбогатото семејство на Црно Море. Се уморив слушајќи како тие де- довци со „вжештени глави” по Кримската војна го потрошиле нашето богатство.
Кога по завршувањето на средното училиште во Трабзон мајка ми се запишала на Истанбулскиот универзитет на дедо ми тоа му послужило како изговор и тој да премине таму. Но, сепак, освен работите околу семејната зграда во населбата Галата и деловниот простор во Шишли, нејзе не ѝ било дозволено да се занимава со друга адвокатска дејност. Меѓу баба ми и дедо ми избиле жестоки недоразбирања кога нивната омилена ќерка се заљубила во нивниот потстанар, еден Американец. И покрај тоа мајка ми со благослов од мојот дедо се омажила за Пол Хекет, претставник на едно меѓународно деловно списание. Следната година сум се родил и јас, во една приватна болница точно на седумдесет чекори од нашата куќа. Дедо ми умрел кога сум имал две години, а само четири месеци потоа моите родители се разведуваат. Пол Хекет се вратил во својата татковина и никогаш потоа не се јавил, а ние сме се преселиле кај баба ми, во соседниот стан.
Живеевме заедно сѐ додека јас не го завршив средното училиште. За редот во домаќинството се грижеше мојата баба, а јас и мајка ми се однесувавме како разгалени детишта. На моето прашање: „Па зарем немаме ниту една фотографија од мојот татко?”, баба ми остро одговараше: „Ако сакаш да ја видиш таа битанга, погледни се во огледалото!” Но благодарение на тој мој бескорисен татко не сум ги наследил ококоравените очи, витканата коса и коњското лице на мајка ми. А кога ќе се обидеше да се дотера нејзината грдотија како уште повеќе да доаѓаше до израз. За неа би било најнормално кога не би излегувала од салонот за разубавување. Беше амбициозна и точно знаеше што сака: прекрасна комбинација од итроштина и таинственост. Како дванаест потстанари во зградите и триесет и четири во деловните простории да не ѝ беа доволно, па така за многу мали пари купи уште три згради во соседната улица.