„Во ноќта ќе се видиме себеси и нашиот свет за миг, како острови меѓу ѕвездените струи – аџии на смртност кои патуваат од хоризонт до хоризонт, преку бескрајното море на просторот и времето“, напишал американскиот натуралист Хенри Бестон во занес во неговата фасцинантна медитација (The Outermost House, 1928) за тоа како ноќта го оживува човечкиот дух. И навистина, има нешто необјасниво величествено во тоа како ноќта нè пречекува во утешната прегратка на нејзината темнина и ни го олеснува метаболизирањето на сета негативност што се насобрала во нас во текот на денот; во тоа како, во соништата што никогаш нема целосно да ги разбереме, ги изнесува на виделина сите наши сомнежи; и како нè потсетува дека, во моментот кога Земјата ќе му сврти грб на Сонцето, засекогаш се простуваме од уште еден ден од нашиот живот.
Никој подобро не ја објаснил оваа моќ на ноќта, ниту нејзината поврзаност со итноста на човечката смртност, како Антоан де Сент-Егзипери (1900-1944) во филозофските мемоари „Воен пилот“, напишана непосредно пред објавувањето на „Малиот принц“.
Во книгата, Сент Егзипери опишува како едно попладне, пред да лета на опасна извидничка мисија над францускиот град Арас, во неговата глава почнале да никнуваат прашања за војна, смрт, жртви и херојство, но дека во тој момент сфатил дека би било подобро да им се посвети таа вечер, ако ја преживее задачата. Ноќта, смета тој, е идеално време за размислување за егзистенцијални прашања:
„Ноќе умот спие и работите едноставно постојат. Оние нешта кои навистина се важни повторно го добиваат својот облик, го надживуваат уништувањето на секојдневната анализа. Човекот повторно ги собира своите делови и станува како мирно дрво“.
Соочен со сопствената смртност, тој додава:
„Денот припаѓа на брачни сцени, но ноќе оние што се скарале повторно ја наоѓаат Љубовта. Затоа што љубовта е поголема од поплавата од зборови. […] За љубовта не се разговара. Таа постои. Нека дојде ноќта кога ќе ми се појави нешто вистинско, што би заслужило љубов! За да можам да размислувам за цивилизацијата, за судбината на човештвото, за стремежот, за пријателството во мојата земја; дека би сакал да сервирам некоја неодолива вистина која можеби сè уште не може да се искаже…
[…]
„Ќе ја чекам ноќта, ако тогаш сум сè уште жив, да прошетам пешки по патот што минува низ нашето село, опкружен со мојата осаменост што толку ја сакам, за да дознаам за што треба да умрам“.
Четири години подоцна, додека светот со ентузијазам го читаше „Малиот принц“ и неговите безвременски пораки за љубовта што ги надминува животот и смртта, Сент Егзипери полета во медитеранската ноќ за време на извидничка мисија – и исчезна засекогаш.
Автор: Marija Popova
Извор: themarginalian.org
Foto: OneHotBook
Превод: Ikona