Блог

Рецензија на книгата Девојката А – “Шок, бес и огромна кнедла во грлото”

,,Јас сум Лекс Грејси, но ме викаат девојката А.
Пораснав со моето семејство на морските брегови.
Побегнав кога имав петнаесет години.
Сега нешто ме враќа назад…”

Лекс Грејси е во своите триесетти години кога дознава дека нејзината мајка починала и дека треба да се врати дома за да започне со средување на документацијата за семејната куќа која таа им ја оставила на Лекс и нејзините браќа и сестри.

Има само еден проблем. Всушност…неколку проблеми. Големи проблеми.

Лекс ја нема видено мајка и’ половина живот.
Мајка и’ умира во затвор.
А нивната семејна куќа…е всушност Куќа на хоророт!

Принудена да се погрижи за куќата (во која и не сака да се врати), Лекс тргнува на еден долг пат на копање по минатото, разоткривање на трауми и болни сеќавања поврзани со физичкото насилство кое таа и нејзините браќа и сестри го преживувале со години.

Таа е Девојката А. Првата. Таа е девојката која побегна.

Иако се води како трилер, повеќе би рекла дека книгава е психолошка драма. По атмосферата и динамиката многу ме потсетува на ,,Совршената дадилка” од Лејла Слимани и ,,Вдовицата” од Фиона Бартон. Меѓутоа стилот е нешто сосема друго. Можеби заради тоа што е деби т.е. прв роман на авторката, а можеби и со цел да постигне потешка атмосфера, нарацијата оди напред и назад во времето, но без најава и останува на читателот самиот да се снајде дали Лекс се присеќава или сме во сегашноста.

Ова на моменти беше тешко за следење, но од друга страна пак, му дава некој шмек на делото издвојувајќи го од другите комерцијални бестселери.

Иако не е никаде нагласено во книгата, приказната се темели на вистинит случај во Калифорнија, кој дури во 2018 год. ја добил својата разврска, кога едно од децата избегало од вистинската Куќа на хоророт по години измачување од сопствените родители. Тоа е уште еден момент по кој ќе ја паметам книгава, тоа што ме натера да истражувам за тој случај кој ја згрозил цела Америка.

,,Девојката А” е она што се нарекува ,,slow burner”, книга со послаба динамика на дејствието наспрема подлабока психолошка анализа на ликовите. Шокирачка приказна за болка и длабоката траума која ја предизвикува семејното насилство.

Ана Томова