Читањето на глас со децата ги развива јазичните вештини и писменоста, го зајакнува односот родител-дете и е основата врз која може да се изгради успех на училиште и на работа. Ова се благотворните ефекти на читањето кај децата постари од една година, но дали истото може да се каже и за најмалите, за бебињата кои се само неколку месеци?
Судејќи според неодамна објавената студија во Соединетите Американски Држави, одговорот би бил потврден: редовното читање е корисно за постигнување подобар резултат во развојот на јазикот кај децата на возраст од девет месеци и треба да се поттикнува во клиничката пракса.
Студија
Родителите и старателите кои дале согласност да учествуваат во студијата беа поделени во три групи. Групата А доби дваесет книги избрани од логопед, но не доби инструкции во врска со зачестеноста на читањето. Групата Б ги доби истите дваесет книги, но со упатства дека треба да им читаат повеќе од една книга на децата дневно. Третата, групата Ц, не била вклучена во студијата од втората недела на бебето, туку од третиот триместар од бременоста. На мајките од оваа група, кои добивале исти упатства како мајките од групата Б, им било прикажано кратко видео за важноста на развојот на мозокот во првата година на детето, почнувајќи од 34-та недела од бременоста. Сите групи добија задача да водат дневник за зачестеноста на читањето. Како се однесувале родителите?
Фреквенција на читање
За време на контролите по два, четири, шест, девет и дванаесет месеци, беше анализирана зачестеноста на читањето. Врз основа на резултатите, учесниците беа поделени во две групи: првата во која на децата им се читаа најмалку седум книги неделно и втората, во која завршија претежно родители од групата А, кои читаа помалку од седум книги.
Демографските податоци за гестациската старост, образованието на мајката и таткото, бројот на возрасни и деца во семејството и возраста на родителите беа слични во групите А и Б; групата Ц се разликувала само во однос на образованието на мајката, кое било повисоко во однос на годините на школување. Тоа е 15,2 години наспроти 13,4 во групата А и 13,7 во групата Б.
Влијанија врз јазикот
За време на контролите, бебињата беа оценувани со тест за рецептивен и експресивен говор (Receptive-Expressive Emergent Language Test), кој се базираше на разговор со родителот/старателот и кој овозможуваше давање поени за активна, пасивна и комбинирана јазична употреба. Сертифициран логопед ги процени резултатите прикажани на нормален (гаусски) графикон за дистрибуција сличен на графиконот за коефициент на интелигенција.
Значително повисоки резултати се забележани кај децата на кои им се читале најмалку 7 книги неделно, почнувајќи од деветмесечна возраст. Првичните сличности сугерираат дека нема значајни вродени разлики и дека зголемувањето на статичкото значење веројатно го одразува кумулативниот ефект на редовното читање.
„Една книга на ден е лесна задача за новите семејства“, вели Адам М. Франкс, професор по здравјето на семејството и заедницата на Медицинскиот факултет Џоан Едвардс и автор на студијата. „Многу е возбудливо да се види дека има мерлив напредок во говорот и разбирањето пред бебето да наполни една година, а вистинските победници се децата и семејствата кои учествуваа во проектот и кои имаа корист од заедничкото искуство со читање“.
Корисни совети
Благодарение на оваа студија, има смисла да се смета дека едноставната интервенција на амбулантно ниво може да го подобри развојот на рецептивниот и експресивен говор кај доенчињата до една година и, според тоа, нивниот јазик и академски успех, како што покажуваат сегашните студии. Јасно е дека овие интервенции треба и мора да започнат уште од најраната возраст. На кој начин?
Освен читање барем една книга дневно, подобро би било да изберете стимулативна средина за читање дома. Во оваа ситуација, невролошката активност се зголемува во областите на мозокот одговорни за јазичните способности на повисоко ниво, вклучително и семантичка обработка и имагинација. Дополнително, врската помеѓу родителот и детето, која се создава со редовно заедничко читање, позитивно влијае на психосоцијалното функционирање на родителот и на однесувањето на детето. За да можат родителите рано да почнат да им читаат на децата, важно е да се промовираат библиотеките и националните програми за читање.
Добар почеток
Студијата, колку и да е ветувачка, се заснова на прилично ограничен примерок: околу дваесет бебиња во секоја група (А, Б и Ц). Поради оваа причина, идните истражувања треба да ги потврдат овие резултати во поголем обем. Дополнително, влијанието на социјалните детерминанти, како што е подготвеноста на родителите да читаат, треба да се истражи од културна, психолошка и работна перспектива. Може да се разгледа и проширувањето на овој модел за да се проценат генетските и јазичните разлики, па дури и разликите помеѓу различните медиуми за читање. Оваа студија претставува добар почеток, кој заслужува да се продлабочи во иднина. Останува фактот дека читањето, од мали нозе, е секогаш добра идеја.
Автор: Katerina Facion, pedijatar
Извор: fondazioneveronesi.it
Фото: Freepik
Превод: Икона