Блог

НАУКА ЗА СТЕКНУВАЊЕ НА БОГАТСТВОТО

Кратко објаснување на книгата

Оваа книга е прагматична, а не филозофска; практичен прирачник, не теоретски трактат. Наменет е за мажи и жени чија најголема потреба е онаа за пари; кои сакаат прво да се збогатат, а потоа да филозофираат. Тоа е за оние кои досега не пронашле ни време, средства, ниту можност длабоко да навлезат во прочување на метафизиката, но кои сакаат резултати и кои се подготвени да ги земат научните заклучоци како основа за дејствување, без да навлегуваат во сите процеси со кои тие заклучоци биле донесени.

Се очекува читателот да ги земе за вистинити фундаменталните тврдења, исто како што би поверувал на тврдења за закон за електрично дејство доколку се искажани од страна на Маркони или Едисон; и дека земајќи ги тврдењата за вистинити, ќе ја докаже нивната вистинитост постапувајќи согласно со нив без страв или двоумење. Секој маж или жена што ќе постапи вака сигурно ќе се збогати; затоа што науката што е тука применета е егзактна и неуспехот е невозможен. Сепак, за оние што сакаат да истражуваат филозофски теории и така да обезбедат логичка основа за верување, ќе наведам одредени авторитети.

Монистичката теорија за универзумот – теоријата дека Едно е Сè, и дека Сè е Едно; дека една супстанција се манифестира како навидум многуте елементи на материјалниот свет – е од хиндуистичко потекло и постепено ја освојува западната мисла веќе двеста години. Таа е основа на сите ориентални филозофии, како и на оние на Декарт, Спиноза, Лајбниц, Шопенхауер, Хегел и Емерсон.

Читателот што би ги истражувал филозофските основи се советува да ги чита Хегел и Емерсон, а би било добро да ја прочита и „Вечната вест“, исклучителен памфлет објавен од Ј. Ј. Браун, 300 Катаракт Роуд, Гованхил, Глазгов, Шкотска. Може да му бидат од помош и серија написи од авторот, објавени во Nautilus (Holyoke, Mass.) во текот на пролетта и летото 1909 година, под насловот „Што е Вистина?“

Пишувајќи ја оваа книга, јас ги жртвував сите други размислувања во име на недвосмисленоста и едноставноста на стилот, за сите да може да разберат. Планот за дејствување наведен во книгава беше извлечен од филозофските заклучоци; беше темелно тестиран и го издржа најтешкиот тест на практичниот експеримент; функционира. Ако сакате да знаете како беше дојдено до заклучоците, прочитајте ги делата на гореспоменатите автори; а доколку сакате да ги искористите плодовите на нивните филозофии во вистинска пракса, прочитајте ја оваа книга и направете точно како што ви вели да правите.


Мисли од книгата

Успехот во животот е да станеш оној кој сакаш да бидеш; можете да го постигнете тоа само со употреба на ствари, а може слободно да користите ствари единствено доколку станете доволно богати за да ги купите. Затоа, да се разбере науката за стекнување богатство е најважното од сите знаења.

 

Каде и да има неизразена можност или неизвршена функција, постои незадоволна желба. Желбата е можност што бара да се изрази или функција која бара да биде извршена.

 

Постои наука за стекнување богатство и тaа е егзактна наука, како алгебрата или аритметиката. Постојат одредени закони што управуваат со процесот на стекнување богатство – штом човек ги научи и почитува овие закони, тој ќе се збогати со математичка сигурност.

 

Работничката класа може да стане владеачка класа кога и да отпочне да дејствува на одреден начин; законот за богатство е ист за нив како и за сите други. Тие мора да го научат ова; во спротивно ќе останат таму каде што се, сè додека продолжат да дејствуваат како што дејствуваат. Меѓутоа, поединечниот работник не го задржува незнаењето или умствената мрзеливост на неговата класа; тој може да ја следи плимата на можности до богатство, а оваа книга ќе му каже како.

 

Ниту еден човек не е сиромашен поради сиромаштија во природата или затоа што нема доволно за сите.

 

Човекот е центар за размислување и може да создава мисла. Сите форми што човекот ги прави со своите раце мора прво да постојат во неговата мисла; тој не може да му даде форма на нештото додека не помислил на тоа нешто.

 

Начинот на дејствување на еден човек е директен резултат од начинот на кој тој размислува за нештата.

 

најмногу ќе им помогнете на другите доколку потполно го реализирате вашиот потенцијал.

 

Мора да се ослободите од мислата за конкуренција. Вие треба да создавате, а не да се натпреварувате за она што е веќе создадено.

 

Запомнете, доколку сакате да станете богати на научен и сигурен начин, мора потполно да ја надраснете мислата за натпреварување.

 

Хартијата, мастилото и другиот материјал од кој е сочинета оваа книга можеби не вреди толку колку што сте ја платиле, но доколку идеите тука предложени ви донесат илјадници долари, оние што ви ја продале не ви наштетиле; тие ви дале голема употребна вредност за мала парична вредност.

 

Дајте му на секој човек употребна вредност поголема од паричната вредност што ја земате од него – на тој начин со секоја деловна трансакција додавате на животот на светот.

 

Постои закон на благодарност и апсолутно е неопходно да го почитувате овој закон доколку сакате да ги постигнете резултатите што ги барате.

 

 

Креативната моќ во нас нè претвора во слика на она на кое го посветуваме нашето внимание.

 

Вербата се раѓа од благодарност. Благодарниот ум постојано очекува добри работи и очекувањето се претвора во верба.

 

Никогаш нема да можете да се збогатите или да ја придвижите креативната моќ да дејствува испраќајќи недооформени копнежи и нејасни желби.

 

Методите што се тука наведени се наменети за луѓе чија желба за богатство е доволно силна за да ја надминат умствената мрзеливост и љубовта кон лесните нешта и која може да ги натера да работат.

 

Одговорот на молитвата не е во согласност со вашата верба додека зборувате, туку со вашата верба додека работите.

 

Запомнете дека вербата и целта во употребата на имагинацијата го разликуваат научникот од сонувачот.

 

За да се збогатите, треба да ја наметнете својата волја единствено на себеси.

 

Ако сакате да им помогнете на сиромашните, покажете им дека може да станат богати, докажете им го тоа така што вие самите ќе се збогатите.

 

Луѓето мора да научат како да станат богати со создавање, а не со натпреварување.

 

 

Најдоброто нешто што можете да го направите за целиот свет е да го извлечете максимумот од себе.

 

Размислувањето на одреден начин ќе ви донесе богатство, но не смеете да се потпирате само на размислувањето, не обрнувајќи внимание на личните постапки. Тоа е карпата од која се кршат бродовите на многу научни метафизички мислители – неуспехот да ја поврзат мислата со личното дејствување.

 

Она што го сакате доаѓа кај вас со помош на мислата, но го примате со дејствување.

 

Не се оптеретувајте дали вчерашната работа била добро или лошо завршена – извршете ја добро денешната работа.

 

Не чекајте да се промени околината за да почнете да дејствувате – променете ја околината преку дејствување.

 

Светот го унапредуваат единствено тие коишто ги надраснуваат нивните сегашни места.

 

Причината за неуспехот е правењето премногу работи на неделотворен начин и неправењето доволно работи на делотворен начин.

 

На креативното рамниште никогаш нема брзање и нема недостаток на можност.