Блог

Првиот телефонски весник

Набрзо по појавата, телефоните добиваат улога и во светот на забавата, најпрво како телефонски театри, а потоа и како телефонски весници.
Во 1890 година во Париз на корисниците на телефони понудено им е на овој начин да слушаат преноси од театрите и оперите преку телефонските приемници во хотелите, кафеаните, клубовите или приватните куќи по цена од педесет центи за пет минути програма. Ова било и првиот обид на преноси во живо.
Во 1893 година се појавил првиот и најуспешен телефонски весник „Телефон Билтен“ и тоа во Будимпешта. Постоел се до 1944 година, а пренесувал информации по 12 часови на ден: кратки вести од печатот, забавни приказни, спортски новости, концерти, театарски претстави, опери, предавања, лекции од лингвистиката…
До 1907-ма „Телефон Билтен“ имал околу двестотини вработени и преку 15 илјади претплатници. Вакви редакции потоа се појавиле ширум светот, но ниту една не опстанала подолго од унгарската.
Основачот, Тивадар Пускас, не го доживеал успехот на својот изум, умрел од срцев удар набрзо по започнувањето со работа на „Телефон Билтен“.