Блог

Извадоци од книгата „Сѐ е некаде на друго место – Дневникот на о.Александар Шмеман“

Петок, 6 април 1973
За среќа не се потребни зборови
Вчера беше роденден на малата Вера. Поминаа три години од онаа вечер во болницата во Дерби, кога се молевме за животот на нејзината мајка. Колку ништовно и безначајно изгледаат сите „сериозни“ разговори кога ќе се споредат со таа ноќ.
Што е среќа? Среќа е да се живее како што живеам сега, со Л., само ние двајцата, уживајќи во секој момент – утринско кафе, два-три тивки часа навечер. Кога би се обиделе да ја дефинираме суштината на таа очигледна среќа, двајцата би ја дефинирале на поинаков начин, можеби и би се скарале околу тоа. Моите зборови нејзе не би ѝ биле соодветни и обратно. Би дошло до недоразбирање. И среќата би се помрачила. Кога човекот ќе се приближи до суштината на работите, зборовите не се потребни. Во вечноста, во Царството, ќе бидат потребни само „Свет, Свет, Свет“, само зборови на благодарност и слава, само молитва и светлина на полнотата и радоста. Затоа единствени длабоки и потребни зборови не се оние на стварноста (расправии), туку оние што се вистините сами по себе, и како такви се симбол, присутност и тајна на самата стварност.
Зборот Божји, молитвата, уметноста – некогаш теологијата била токму тоа „слово Божјо“, а не само зборови за Бога, туку божествени зборови, откорвение.
Што е молитвата? Таа е сеќавање на Бога, чувствување на Неговото присутство. Секогаш, насекаде и во сите нешта.“

Вторник, 6 март 1973
Во саботата ислушав исповед која ме натера на болно размислување. Што е исправно, а што не е? Секој принцип паѓа под искуството на секој поединечен живот. А јас сум само сведок на тоа.
Во неделата – литургија во Парамус, Њу Џерси.
Вчера од утрото до четири попладне поминав по дома, пишувајќи текст за едно предавање на тема Литургија. Уште еднаш се убедив во лажноста на академската теологија. Но ова е само глас во пустината…
Секое исклучиво логично размислување е застрашувачко: без живот е и без плод. Рационалната и логична личност тешко се кае.
Штотуку разговарав телефонски со Н. Колку луѓето лесно се обесхрабруваат, паѓаат во депресија и се гледаат во безнадежно светло. Трпението е божествена сила. Во борбата против злото на човека, повеќе од сѐ, му е потребно трпение. Меѓутоа малку трпение има во човекот, особено во младиот човек. Основната опасност кај младите лежи во нетрпението. Зошто Бог бил трпелив? Зошто Тој знае и сака.
Трагедија во Картум: терористи ги убиле дипломатите. Ме ужаснуваат „идеологиите“. Таканаречените човечки „убедувања“ се толку безнадежно ограничени. Тоа што е уште побезнадежно, е фактот дека верата често се поистоветува со „убедувањето“. Тоа е штетен тренд во теологијата, тоа сведување на верата на идеи и убедувања кои се темелат на научни објаснувања.“

о.Александар Шмеман

Related Posts