Блог

1984 – Орвел

ПРВ ДЕЛ

Беше ведар и студен априлски ден; часовниците покажуваа тринаесет часот. Винстон Смит, со брадата забиена во градите за да го избегне лутиот ветар, веднаш се протна низ стаклената капија на станбената зграда Победа, но не доволно брзо за да спречи една спирала од остра прашина да влезе заедно со него.

Ходникот смрдеше на варена зелка и стари крпи. На едниот крај беше закачен плакат во боја, прего- лем за затворен простор. Тој претставуваше само едно огромно лице, повеќе од еден метар во ширина; лице на човек од околу четириесет и пет години, со густи црни мустаќи и црти убави на некој суров начин. Винстон тргна кон скалите. Не вредеше да се обиде со лифтот. Тој и во најдобрите случаи ретко го правеше тоа, а во моментот струјата беше прекината во текот на денот. Тоа беше дел од акцијата на штедење во подготовките за Неделата на омразата. Станот беше на седмиот кат и Винстон кој имаше триесет и девет години и проширена вена над десниот глужд, се качуваше бавно одморајќи се во нeколку наврати. При секое одморање, од ѕидот спроти вратата од лифтот, од плакатот го гледаше огромно лице. Сликата беше така направена што очите од неа го следеа набљудувачот од секој агол. Под лицето стоеше натпис ГОЛЕМИОТ БРАТ ТЕ НАБЉУДУВА.

Во станот слушна милозвучен глас како ја чита листата со бројки кои се однесуваа на производство- то на сурово железо. Гласот доаѓаше од правоаголната метална плоча налик на заматено огледало, која сочинуваше два дела од површината на ѕидот на десната страна. Винстон го сврте копчето и гласот малку се намали, но зборовите и понатаму можеа да се разберат. Инструментот (наречен телекран) можеше да се намали, но никогаш сосема да се исклучи. Тој пријде до прозорецот: малаксана, слаба фигура, чијашто слабост, само повеќе ја истакнуваше синиот комбинезон – партиска униформа,. Косата му беше многу руса, лицето црвено по природа, а кожата огрубена од остриот сапун, тапиот брич и студената зима која само што беше завршила.

Светот надвор дури и преку затворениот прозорец изгледаше студено. На улицата силниот ветар ја вртеше прашината и искинатата хартија во спирали; сонцето сјаеше, а небото беше остро сино, но и покрај тоа, сè изгледаше безбојно освен плакатите кои беа излепени насекаде. Од секој доминантен агол набљудуваше црномурестото лице. Едно се наоѓаше на фасадата точно преку патот. ГОЛЕМИОТ БРАТ ТЕ НАБЉУДУВА, пишуваше на плакатот, додека тем- ните очи гледаа право во очите на Винстон. Подолу, во висина на улицата, друг плакат, скинат на едниот агол, се вееше при секое удирање на ветрот и наизме- нично покриваше и откриваше еден единствен збор: АНГЛСОЦ. Во далечината еден хелихоптер се нурна помеѓу покривите, за момент лебдеше како мува без глава и повторно кривулесто одлета. Тоа беше по- лициска патрола која ги шпионираше луѓето преку прозорците. Но патролите не беа страшни. Страшна беше само Полицијата на мислите.

Зад Винстоновиот грб, гласот од телекранот и понатаму дрдореше за суровото железо и за надминување на деветиот тригодишен план. Телекранот истовремено примаше и емитуваше. Можеше да го фати секој звук – посилен од многу тивок шепот – кој Винстон би го произвел; така што Винстон додека стоеше во видното поле во кое доминираше металниот првоаголник можеше не само да се слушне туку и да се види. Секако, никој не можеше да знае дали во овој или во оној момент некој го надгледува или не. Колку често Полицијата на мислите се вклу- чуваше на поединечни канали, можеше само да се претпоставува. Беше возможно дури и непрекинато да ги набљудува сите. Но, во секој случај можеше да се вклучи на сечиј канал кога и да посакаше. Мораше да се живее – и се живееше по навика која прерасна во инстинкт – претпоставувајќи дека секој звук се слушнал и освен во мрак, секој чекор се видел.

Винстон стоеше свртен со грб кон телекранот. Така беше побезбедно; иако и грбот, како што добро знаеме може многу да открие. На оддалеченост од еден километар Министерството за вистина, уста- новата во која работеше, се издигнуваше огромно и бело над нечистиот предел. Ова е, помисли тој со неодредено гадење – ова е Лондон, главен град на Писта еден, трета по населеност провинција на Океанија. Тој се обиде да исцеди каков било спомен од детството кој би му кажал дека Лондон секогаш бил таков. Дали секогаш постоеле оние глетки со трошни куќи од деветнаесетиот век, чиишто фасади беа потпрени со греди, прозорците закрпени со картони, покриви со брановиден лим, а ѕидовите во градините испукани и наведнати на сите страни? И урнатини од бомбардирањето каде што прашината од малтерот се вееше на ветерот, а врбовица се влечеше низ купот од шут; и места на коишто бомбите расчистиле малку повеќе земјиште и на него изникнале нечисти и грди колонии од дрвени бараки што личат на кокошарници? Но, ништо не вредеше, не можеше да се сети; од детството не му останалo ништо освен низа од живи чуствителни слики кои се јавуваа без никаква позадина и најчесто беа неразумни.

Министерството за вистина – во Новоговорот1: Министвис – остро се разликуваше од сè останато во видикот. Тоа беше огромна пирамидална градба од светликав бел бетон која се издигаше, тераса по тераса, триста метри во височина. Од местото на кое стоеше Винстон можеа да се распознаат, испишани со елегантни букви на белиот ѕид трите пароли на Партијата:

ВОЈНАТА Е МИР СЛОБОДАТА Е РОПСТВО НЕЗНАЕЊЕТО Е МОЌ…

1984