Пред да се изгради зградата од карши, и сè да постане врамено и задушливо, по цели ноќи го набљудував Букурешт, преку трокрилниот прозорец на мојата соба на улицата Штефан Велики. Вообичаено, во прозорецот се огледуваше скромниот мебел на собата: еден кревет од жолтеникаво дрво, една тоалета со огледало, неколку растенија, алое и аспарагус, сместени на масата во глинени саксии. Лустерот со абажур од зеленикави стакла каде едното стакло одамна веќе беше поткршено. Вдлабувајќи се во стаклото, жолтиот простор на собата стануваше уште пожолт, а јас, младо болникаво и слабо момче, во парталава пижама со еден излитен елек, цело попладне седев на горната штица од сандакот за постелнина на софата, ѕурејќи, како хипнотизиран во моите сопствени очите одразени во прозорецот. Нозете ги држев качени на парното кое се наоѓаше под прозорецот и кое во зимите ми ги гореше табаните, предизвикувајќи ми едно пер- верзно чувство кое во исто време беше и задоволство и болка. Осветлено од аветинскиот изглед на расцветаниот лустер над мојата глава, во жолтиот прозорец си го набљудував, лицето тенко како жилет и очите со виолетови подочници под нив. Неколкуте влакна од реткиот мустаќ уште повеќе ја изразуваа асиметричноста на мојата уста, која беше всушност асиметријата на моето цело лице. Ако на некоја фотографија на која се наоѓам јас ќе ѝ ја покриеш левата страна на лицето, ќе добиеш претстава дека се работи за едно отворено и одлучно момче, со скоро убави црти на лицето. Но, погледот врз другата половина на лицето, предизвикува изненадување и не- пријатност: тука окото е мртво, а устата трагична, и некаква безнадежност, ликум егзема, се шири по целата половина на моето лице.
Дури откако ќе го исклучев светлото во собата, чувствував дека сум вистинскиот јас. Наеднаш на ѕидовите почнуваа да ползат електричните, сини и флуоросцентно зелени ленти од трамваите, кои бучејќи минуваа по патот кој се наоѓаше на пет ката подолу и тогаш ќе станев свесен за неподносливата бучава на сообраќајот и бескрајната тага на мојот живот. Прекинувачот беше сместен зад шифоњерот и кога ќе го ис- клучев светлото собата стануваше ликум модар аквариум. Мрдав како стара риба, низ мувлосаниот мебел, кои мирисаше на длабоките пукнатини во морските карпи. Чекорев чувствувајќи го грубиот килим од јута под моите табани, до сандакот на софата, ќе седнев на него, ќе ги ставев нозете на парното и наеднаш, фантастичниот Букурешт ќе експлодираше зад стаклото, сега посинето од месечевата светлина. Беше тоа еден ноќен триптих, со стаклен, бескраен и неисцрпен сјај. Удолу, гледав дел од улицата, со електричните столбови ликум метални крстови, кои ги поддржуваат трамвајските жици и розовите сијалици, кои зимата ги осветлуваа бескрај- ните далги на бесната лапавица, понекогаш, ретка како во цртаните филмови, а понекогаш густа како крзно. Во летните ноќи се забавував замислувајќи си по еден распнат човек со круна од трња на главата, прободен од секој столб од бес- крајната низа. Шкобави и космати, со мокри крпи околу половината, ја набљудуваа со насолзени очи, реката автомо- били по камената улица. Две-три дечиња, којзнае зошто толку забавени во ноќта, ќе застанеа да го погледнат најблискиот Христос, подигнувајќи си ги кон месечината аглестите лица.