Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата.
Чудесноста на мислата ги занемува зборовите во мене. Што попрво да кажам? Со што да го започнам толкувањето? Да ја разобличам ли суетата на многубожците? Или да ја воздигнам вистината на нашето учење?
Грчките мудреци многу размислувале за природата, а ниту едно нивно учење не останало цврсто и непоколебливо – бидејќи следното учење секогаш го соборувало претходното. Да ги побиваме нив е залудно; тие си се сами доволни за да се побиваат еден со друг. Затоа што не го знаеле Бога, не дозволувале дека произлегувањето на сите нешта зависи од разумна причина; а сообразно со сите корени на нивното незнаење заклучувале и за останатото. Поради тоа, едни прибегнувале кон материјални начела и причината на целата творба им ја припишувале на стихиите на светот; други си замислувале дека природата на видливите нешта е составена од атоми и неделиви тела, тежина и празен простор; според кое, раѓањето и разорувањето произлегуваат од меѓусебното согласување или одвојување на неделивите тела, а во телата поиздржливи од другите, причината за долготрајното опстојување се состои во цврстото спојување на атомите.