Стутулен во безначајниот лавиринт на нашиот апартман животот ми минуваше во просторот омеѓен од две територии: мојата соба која гледаше кон градот, кој се простира до бескрај под сплесканото небо полно со облаци и меланхоличниот замок на мелницата, опкружен од фабрики и работилници, ‚рѓосани цевководи и оџаци изградени уште на почетокот на векот. Беше тоа индустриската архитектура преполна со ор- наменти, кои беа видливи и од другите соби, а особено од нашиот балкон преполн со ношници. Низ овој сивозеленикав лавиринт, во кој ретко пробиваше светлината, уште повеќе проретчена од провидните стебленца на цвеќињата од прозорците (а кога паѓаше снег, зимите, низ ледените цвеќиња, кои ги параа стаклата на прозорците, оставајќи само во горниот дел еден искривен простор од каде можеше да се види лапавицата) постојано ја барав мама. Не ја барав ниту со очите ниту со тоа трето око кое ми ја исполнуваше главата, туку се упатував кон неа со помош на еден вид хемиска привлечност, чувствувајќи го нејзиниот мирис, наслушнувајќи го по- викот на нејзиното тело, незадржливо привлечен од нејзината коса, очите и рацете, нејзиното наједноставно и најевтино цр- вило за усни, од нејзините фустани и парфем, и колонска вода во шишенца со облик на автомобилче. Иако бев затворен во мојот бетонски кожурец, јас во секој миг можев да погодам каде се наоѓа мама, затоа што иако папочната врвца која некогаш нѐ спојуваше сега ја немаше, сепак на нејзиното место се наоѓаше еден друг вид на врвца ликум колан, кој се наоѓаше меѓу нашите веѓи, растеглив како ластик и исто толку наборен, со помош на кој колку повеќе се оддалечував од местото каде што се наоѓаше мама, и со тоа растеа мојот страв и мојата љубов кон неа, толку повеќе ме влечеше постојано назад, кон месото кое беше мама, за да го идентификувам со огромна возбуда предметот кој беше мама, за да се качам во поли- те на живата статуа која беше мама, да си ги доближам очите до нејзините очи, да си ги чукнеме главите токму кај веѓите за тој колан од болскав немир да исчезне и ние да останеме така, чело на чело, со затворени очни капаци, со вклештени раце, со таа насмевка од застрашувачка радост на нашите усни. Но не ја поседував светата девственост со која седам во нејзините поли и не можев да благословувам со двата прста. Се бесев на фалтите од нејзиниот плашт, се разложував во нејзината горделивост, го вртев мојот тесен грб кон светот. Во тие мигови на заемност втренчено ја гледав в лице, и таа го носеше моето лице, зголемена, мургава, со подочници како нацртани, со четка, со длабоки дупки под образите, со голема меланхолична омега меѓу веѓите. Секој миг од мојот живот бев свртен со лицето кон неа, како кон месечина, и мама, всушност, беше стожерот на моето битие, семето од сложеното овошје на нашите односи. Неа ја покривав со провидното месо на рацете, градите, бедрата и моите образи. Бев роден од неа, но таа сега беше во мене, од нејзината внатрешност се прелеав над неа. Мама беше ембрионот од утробата со папок на мојот ум, кон неа гледав од сите страни наеднаш, со лицето постојано свртено кон неа, постојано фасциниран од неа, постојано изгубен од љубов и милост кон неа. Постојано бев труден со соп- ствената мајка, а таа, сонлива, ќе потскокнеше понекогаш во стомачната течност на мојот сон. Беше голема како споменик, чија основа заземаше една третина од планетата, споменик изгубен во облаците и облагороден од синото небо.